Ема Хеминг Вилис проговори за секојдневието на семејството додека се грижи за Брус Вилис, кој живее со фронтотемпорална деменција. Во интервју за магазинот „Hello!“, чии делови ги пренесе „Page Six“, таа ја опиша емоционалната тежина на болеста како постојано чувство на тага.
„Исклучително е тешко и болно“, изјави Ема, објаснувајќи дека е природно луѓето да сакаат нивните најблиски да останат здрави, исполнети со живот и онакви какви што отсекогаш ги познавале. Фронтотемпоралната деменција, додаде таа, носи постепени и болни промени со кои се соочува целото семејство.
Семејството на актерот ја објави дијагнозата во февруари 2023 година. Претходно, во пролетта 2022 година, беше соопштено дека Вилис се повлекува од актерството поради афазија, состојба што ја нарушува способноста за комуникација. Со понатамошните испитувања била поставена попрецизната дијагноза на фронтотемпорална деменција.
Ема во интервјуто посочи дека сè уште постои голема неинформираност за различните видови деменција. Како пример го наведе прашањето што често го добива – дали Брус сè уште ја препознава.
„Мојот одговор секогаш е недвосмислено ‘да’“, рече таа, нагласувајќи дека нејзиниот сопруг има фронтотемпорална деменција, а не Алцхајмерова болест.
Фронтотемпоралната деменција опфаќа нарушувања поврзани со дегенерација на челните и слепоочните делови на мозокот. Според Асоцијацијата за фронтотемпорална дегенерација, меѓу честите симптоми се промени во однесувањето и личноста, тешкотии со говорот, разбирањето и донесувањето одлуки. Симптомите и текот на болеста се разликуваат од човек до човек.
Токму затоа Ема повика на повнимателно и попрецизно медиумско известување. Таа смета дека јавноста треба подобро да се запознае со различните форми на деменција и нивното влијание врз заболените и семејствата, со цел да се намалат стравот и стигмата.
Во разговорот се осврна и на поддршката што Брус ја добива од своите пет ќерки. Со Ема, со која се венча во 2009 година, ги има Мејбел и Евелин, додека од бракот со Деми Мур ги има Румер, Скаут и Талула.
„Секоја од нив има изградено своја посебна врска со него“, истакна Ема. Иако сите пет се различни, според неа, ги поврзува искуството дека нивниот татко отсекогаш бил стабилна и сигурна потпора во нивните животи.
Еден неодамнешен семеен момент беше забележан во август, на почетокот на свадбениот викенд на Талула и Џастин Ејси. На црно-белата фотографија објавена во „Vogue“, Брус ја прегрнува ќерката и го држи за рака нејзиниот партнер, додека таа ја потпира главата на неговото рамо. Талула ја опиша фотографијата како нежен момент со татко ѝ и Џастин.






