Студиото за отстранување тетоважи во Лондон, NAAMA, бесплатно ќе ги отстранува тетоважите со ликот на Канје Вест откако раперот јавно изјави дека го сака Адолф Хитлер и нема ништо против нацистите.
„Ако имате тетоважа од некој на кој му се воодушевувате, а потоа тој завршува на насловните страници од погрешни причини, ви нудиме високотехнолошки третман за отстранување на таа тетоважа. Ако сакате промена, тука сме“, објавиле од студиото и приложиле видео од отстранување на тетоважа со ликот на Вест.
Сопственикот на студиото, Бриони Гарбет, за „Си-ен-ен“ рекол дека интересот се зголемува и дека им се јавуваат негови поранешни обожаватели.
„Има сè поголем интерес за отстранување на тетоважи со Канје Вест, сè повеќе се негови поранешни обожаватели. Досег три лица дојдоа во мојот салон, а уште 10 имаат резервиран третман. Ние сфаќаме дека тетоважите можат да бидат трауматични и знаеме дека некои луѓе не можат да си дозволат третман, па затоа нудиме бесплатно отстранување“, објаснил Гарбет.
Еден третман за отстранување тетоважи обично чини околу 2.300 евра, но тоа зависи од големината на тетоважата и бројот на третмани потребни за истата да се отстрани.