Театарска магија во Битола: Коњановски горд на културниот подем во градот

Театарска магија во Битола: Коњановски горд на културниот подем во градот

пред 17 часа

На затворањето на 27-то издание на Фестивалот на монодрамата во Битола, градоначалникот Тони Коњановски ја додели наградата од публиката за најдобра монодрама, која годинава ѝ припадна на претставата „Џеки“ на Драмски театар Скопје. Претставата е во режија на Жива Бизовичар, а главната улога ја толкува актерката Трајанка Илиева-Вељиќ.

„Чест ми беше и оваа година да ја доделам наградата од публиката на фестивалот, кој веќе 27 години е огледало на театарската уметност. Годинашното мото ‘Огледало на вистината’ ја отслика суштината на сите фестивалски вечери, а најуспешните уште еднаш беа тука, во Битола – градот на културата и уметноста“, истакна Коњановски. Тој додаде дека Битола останува препознатлива како град на уметноста и традицијата, потсетувајќи на значењето на Браќата Манаки како први сниматели на Балканот.

Наградите што ги додели стручното жири за најдобар актер, најдобра режија и Гран при заминаа во рацете на уметници од меѓународната сцена. За најдобар актер беше прогласен Јано Изорија за претставата „Кваркваре“ од Грузија, во продукција на театарот „Поти Валеријан Гунија“, во режија на Саба Асламазишвили.

Наградата за најдобра режија ја доби повторно Жива Бизовичар за „Џеки“, додека Гран при наградата ѝ припадна на претставата „Ноти“ од Романија, во продукција на театарот „Тони Буландра“, во режија на Касандра Топологеану, со актер Андреа Танасе.

Со ова издание, Фестивалот на монодрамата уште еднаш ја потврди својата меѓународна вредност, а Битола ја зацврсти својата позиција како важен културен центар на регионот.

Share
Scroll to Top