Тејлор Свифт напиша оригинална песна за „Приказна за играчките 5“, фановите ја погодија мистериозната најава

Тејлор Свифт напиша оригинална песна за „Приказна за играчките 5“, фановите ја погодија мистериозната најава

пред 2 часа

Американската музичка ѕвезда Тејлор Свифт официјално потврди дека е автор на оригинална песна за претстојниот анимиран филм „Приказна за играчките 5“, со што стави крај на повеќенеделните шпекулации меѓу нејзините обожаватели ширум светот.

Како што пренесува „Билборд“, Свифт открила дека отсекогаш сонувала да создаде музика за легендарниот анимиран серијал на „Дизни“ и „Пиксар“, кој го следи уште од детските години. Новата композиција го носи насловот „Знаев, те знаев“ („I Knew It, I Knew You“) и ќе биде објавена на 5 јуни како дел од официјалниот саундтрак на филмот, додека премиерата на „Приказна за играчките 5“ е закажана за 19 јуни.

Пејачката преку социјалните мрежи им порача на своите милиони следбеници дека биле во право кога претпоставувале дека таа е дел од музичкиот проект. Гласините за нејзиното учество започнаа пред неколку недели, кога во повеќе светски градови, меѓу кои Чикаго, Лос Анџелес и Лондон, се појавија мистериозни постери со небо-сина позадина, тринаесет бели облаци и иницијалите „ТС“, што веднаш ги поттикна обожавателите да ги поврзат со Тејлор Свифт.

Дополнителен повод за шпекулации беше и објавата на студиото „Пиксар“ на социјалните мрежи, на која ликот Џеси од популарната франшиза танцува пред еден од постерите. Фановите тоа го протолкуваа како суптилна најава дека музичката суперѕвезда ќе биде дел од новото продолжение на филмот.

Од „Пиксар“ претходно објавуваа содржини поврзани со мистериозните билборди и видеа кои дополнително ја разгореа љубопитноста кај јавноста, но без официјална потврда сѐ до сега.

Во новиот филм повторно ќе настапат холивудските легенди Том Хенкс и Тим Ален, кои ќе ги позајмат своите гласови на Вуди и Баз Лајтјер. Според најавите, приказната ќе ги следи омилените играчки во нивната нова борба за внимание против современата технологија, односно паметен таблет наречен Лилипад.

Ова не е првпат Тејлор Свифт да биде дел од филмски музички проекти. Таа и претходно има учествувано во создавање песни за филмски саундтракови и анимирани продукции, а нејзиниот последен музички албум забележа значителен успех на светските топ-листи.

Со новата песна за „Приказна за играчките 5“, Свифт повторно ги спојува светот на музиката и филмот, додека фановите со нетрпение го очекуваат и филмот и новата композиција која наскоро ќе биде достапна за јавноста.

Share
Scroll to Top