Хулиан Риос Канту, средношколец од Мексико, дизајнирал градник кој помага во рана детекција на ракот на градите. Тој ја зел својата мајка како инспирација бидејќи таа ги изгубила двете гради зашто болеста ѝ била дијагностицирана многу доцна.
Решението на Канту вклучува околу 200 биосензори што се поставуваат во градникот и ја бележат површината на градите, ги надгледуваат промените во температурата, големината и тежината на градите. Мапирањето на промените во големината и тежината е цел на повеќето самостојни прегледи. Сензорот за температура служи да анализира делови каде што има многу крвни садови и бара дали има зголемен проток на крв во одредени делови од градите.
„Овој проток на крв би можел да го храни туморот“, вели Канту.
Ракот на гради, ако се открие рано, има речиси 100% можност за лекување и преживување. И покрај тоа, многу жени не прават ни домашни прегледи кои може да доведат до рана детекција.