Младите брачни парови до 35-годишна возраст во Општина Пробиштип од 1 јануари 2027 година нема да плаќаат комуналии при изградба на првиот сопствен дом. Од истиот датум, финансиската помош за трето и секое наредно новородено дете се зголемува од 8.000 на 15.000 денари, соопшти градоначалникот Тони Тоневски.
Мерките се дел од поддршката со која Општината сака да ги намали трошоците на семејствата и да ги поттикне младите да го градат својот дом во Пробиштип.
Бесплатен престој во градинка е предвиден за децата од семејства со три или повеќе деца, без оглед на месечните примања на родителите. За згрижувачките семејства, пак, е предвидена еднократна финансиска поддршка од 10.000 денари.
Општината ќе продолжи да обезбедува бесплатни ортопедски прегледи за деца до 15 години. Прегледите започнаа во 2026 година, а ќе продолжат и во 2027 година.
За идните првачиња се предвидени и бесплатни офталмолошки прегледи. Целта е навремено да се откријат можни проблеми со видот, а родителите да немаат дополнителни трошоци за патување до соседните градови.
Според Тоневски, со овие мерки Општината настојува да им помогне на семејствата во покривањето на дел од трошоците и да создаде услови младите да останат и да го градат својот семеен дом во Пробиштип.





