Традиционален концерт на Филхармонија по повод Денот на вљубените и виното

Традиционален концерт на Филхармонија по повод Денот на вљубените и виното

пред 2 часа

Македонска филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените и виното, насловен „Бакнеж во Париз“ на кој ќе биде изведена француска музика. Како солисти ќе настапат Фелисиен Брут, хармоника и Ексел Сан Сирел, мецосопран од Франција, а диригент е Тимоти Редмонд.

„Кога зборуваме за љубовта и романтичната страна на животот, често пред очи ни излегува Париз. Не случајно – градот на светлината е и град на љубовта. Тој е вечна инспирација за уметниците, место каде што се раѓаат безброј книжевни, филмски и музички љубовни приказни. Неговата препознатлива архитектонска убавина и дух создаваат мелодии исполнети со меланхолија, страст, нежност и романтична копнежливост. Тие уметнички дела се огледало на среќни љубови, но и на оние напуштени, тивки и болни. Зашто љубовта е таква – возвишена и силна, понекогаш нежна, понекогаш болна, но секогаш длабока и искрена. Денот на вљубените не е само уште еден датум во календарот.

Тој е потсетник дека љубовта, во сите нејзини облици, му дава смисла на животот и на светот. Ова е и денот на виното – пијалокот на боговите и еликсир на животот. Виното и љубовта одат рака под рака, поврзани преку бојата, мирисот, топлината и чувството што го будат. Уживајте во звуците на љубовта, фантазијата и копнежот, во музиката на бакнежите и прегратките, придружени со вино со боја на срце. Дозволете си барем за миг да се префрлите во најубавите љубовни филмски сцени и да понесете со себе незаборавни впечатоци.“, велат од Филхармонија.

Share
Scroll to Top