Утре почнува голем „фестивал на чај“ посветен на лековитите билки

Утре почнува голем „фестивал на чај“ посветен на лековитите билки

пред 2 дена

Од 14 до 17 ноември, под слоганот „Време е за чај“, на приземјето во Скопје Сити Мол, ќе се случува голем „Фестивал на чај“, на кој ќе се претстават повеќе од 30 учесници. Фестивалот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „ Експедиција Природа“ и Скопје Сити Мол.

На четиридневниот фестивал, посетителите ќе имаат исклучителна можност да дегустираат и купат чаеви, продукти од ароматични билки, есенцијални масла и повеќе да дознаат за добрината на природата, традицијата, културата и моќта на лековитите билки.

Вистински куриозитет на фестивалот ќе биде едукативната трибина, разиграна со работилниците: „Фитоклиника“, „Wellness Фитоарома терапија – face yoga“, церемониите на чај презентирани од турскиот Институт „Јунуз Емре“ и кинескиот Институт „Конфуциј“ при УКИМ.

Со едукативно катче ќе се претстави и „Ботаничката градина“ при ПМФ од Скопје и студентите од ИДСБ (Истражувачко друштво на студенти биолози), кои ќе ги презентираат македонските билки, науката и младиот потенцијал биолози. Во научното катче, децата и возрасните ќе можат заедно со ИДСБ да истражуваат хербариум и инсектариум и преку бинокулар (стереоскопски микроскоп) да ја погледнат димензијата на минијатурните семиња.

Во уметничкото катче „Градина“, децата ќе имаат прилика да уживаат во сликањето заедно со уметницата Сања Јовановска.

Фокусот на фестивалот е автентичноста која ни ја дава природата преку билките, природната медицина – лековитите билки, од кои се подготвуваат чаеви, есенцијални масла и сапунчиња, препарати за здрав живот, мевлеми и чајни колачи од билки, шумски плодови, путери и масло од лешници и мармалади. Посебен простор е резервиран за пчелни производи, како природниот мед и козметика од мед и пчелни производи за поздрав живот. Неколку уметници и ракотворци ќе го дообојат фестивалот со рачно изработени чајници и филџани за чај. Посетителите ќе имаат можност да добијат и совети за поздрав живот од производителите на чаеви и есенцијални масла од ароматични и лековити билки.

На фестивалот учество ќе земат: Билна аптека „Матија“, ЛАСОИ ароматерапи, Билна аптека „Роза Канина“, Ливан Хербал, Китка дарови, Игнеа еко арома козметика, ЛаВита Агро – лаванда и смиље и органски етерични масла, АПИ – природна козметика, БЛУМ – македонска природна, веганска рачно изработена козметика, Хелт Шоп Македонија – есенцијални масла, Мое сапуче – природни рачно изработени сапуни, Студио за сапун 23 – природни рачно изработени сапуни, Здружение Церебрална парализа/социјално семејно претприемништво одгледување и пакување на билки, Флуиднада (дигитален илустратор, дигитална илустација аплицирана на порцелан), Мирјана Ангелеска – производи од шумски плодови, Пчеларско здружение

-Природен мед, Мед Хепи – природен мед и пчелни производи, Пчеларство ПетроскиВ и Пчеларство Антови.

Во рамки на настанот учество ќе земат и факултети, институции и институти како: „Јунус Емре“ – Турски културен центар, Институт „Конфуциј“ Скопје/Confucius Institute Skopje и Ботаничка градина/ПМФ/ИДСБ.

Целиот настан ќе го дообојат уметници и ракотворци: ТиноСки – персонализиран чаен аксесорис, рачно сликан витраж на стакло, Шарено ќоше – персонализиран, рачно сликан чаен аксесорис, ЕКО восични обвивки и Експедиција Природа Платформа за истражување на природата и културата -Хербариум.

Share
Scroll to Top