„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, Димитриеска-Кочоска: Силен сигнал дека се движиме во добра насока

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, Димитриеска-Кочоска: Силен сигнал дека се движиме во добра насока

пред 4 часа

Задржувањето на кредитниот рејтинг на Македонија од агенцијата „Фич“ претставува потврда на досегашните економски политики и сигнал дека Владата треба да продолжи во истата насока, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во објава на Фејсбук таа посочи дека економската политика на Владата се заснова врз две главни цели – одржување стабилни јавни финансии и поттикнување на економскиот раст. Според министерката, ефектите од ваквиот пристап веќе може да се забележат во официјалните економски показатели, кои биле значајни и за потврдата на кредитниот рејтинг.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека бројките најверодостојно ја прикажуваат реалната економска состојба, како во моментот кога се објавуваат, така и при нивното анализирање во иднина.

Растот од 1,6 проценти достигна 4,3 проценти

Како почетна точка министерката го наведе првиот квартал од 2024 година, кога економскиот раст изнесувал 1,6 проценти. По преземените мерки и донесените одлуки, како што истакна, бил воспоставен континуитет на стапки на раст од околу и над три проценти.

Најновите податоци за вториот квартал покажуваат раст од 4,3 проценти. Според Димитриеска-Кочоска, не станува збор само за еден натпросечно добар квартал, туку за продолжување на позитивните економски движења.

Инвестициите, како што наведе, се поставени во центарот на економскиот модел. Во вториот квартал од 2026 година бруто-инвестициите се зголемиле за 16,5 проценти.

Зголемената инвестициска активност се поврзува со забрзаната реализација на големите капитални и инфраструктурни проекти, вложувањата во општините наменети за локален економски развој, како и со инвестициите на домашниот приватен сектор.

Позитивни резултати се регистрирани и во повеќе стопански гранки. Градежништвото забележало раст од 21,9 проценти, индустријата од 3,9 проценти, а преработувачката индустрија од 4,1 проценти. Услужниот сектор пораснал за 2,4 проценти, со позитивни движења во повеќе дејности.

Во истиот квартал реалниот извоз на стоки и услуги се зголемил за 10,4 проценти.

Министерката оцени дека овие резултати имаат дополнителна тежина бидејќи се постигнати во услови на голема глобална неизвесност. Македонија, како мала и отворена економија, е силно изложена на случувањата на меѓународните пазари, особено на економските движења во Европа.

Јавниот долг намален на 58,8 проценти од БДП

Според Димитриеска-Кочоска, Владата истовремено работи на реализација на инвестициите и на постепена фискална консолидација, водејќи внимателна политика при управувањето со јавните финансии.

На крајот од вториот квартал на 2026 година јавниот долг изнесувал 58,8 проценти од бруто-домашниот производ, односно 10,726 милијарди евра.

Во споредба со првиот квартал, неговото учество во БДП е намалено за 0,1 процентен поен, а номиналниот износ за 21 милион евра. Во однос на крајот на 2025 година намалувањето изнесува 0,6 процентни поени, додека споредбата со крајот на 2024 година покажува пад од 2,6 процентни поени.

Министерката истакна дека овие податоци го покажуваат пристапот на Владата кон управувањето со обврските – да обезбедува пари за развојни проекти, но истовремено навреме да ги враќа долговите создадени во претходните години.

Сервисирани обврски од 4,556 милијарди евра

Во вториот квартал од 2026 година биле исплатени повеќе од 300 милиони евра за сервисирање дел од еврообврзницата во вредност од 700 милиони евра, издадена во 2020 година. Најголемиот дел од оваа еврообврзница бил отплатен уште во текот на првиот квартал.

Од втората половина на 2024 година до денес, Министерството за финансии сервисирало обврски во вкупен износ од 4,556 милијарди евра.

Од оваа сума, 786 милиони евра биле исплатени во втората половина на 2024 година, 2,198 милијарди евра во текот на 2025 година, а дополнителни 1,571 милијарди евра во 2026 година. Врз јавните финансии дополнително влијаеле и каматните трошоци во износ од 350 милиони евра.

Димитриеска-Кочоска посочи дека Владата во исто време отплаќа стари обврски и ги покрива каматите што произлегуваат од нив. Таа предупреди дека нередовното сервисирање на долговите би предизвикало повисоки камати, влошување на кредитниот рејтинг и поскапо финансирање за целата економија.

Поради тоа, Владата ќе продолжи да бара рамнотежа меѓу инвестициите, постепеното намалување на буџетскиот дефицит и навременото обезбедување средства за отплата на обврските.

Според министерката, определбата за фискална консолидација останува непроменета, но процесот треба да се спроведува постепено, кредибилно и во согласност со економскиот циклус.

Share
Scroll to Top