Фолк-естрадата растури во Битола: На публиката ѝ фалеше македонската народна песна

пред 3 години

Најпознатите фолк-пејачи вчеравечер одржаа голем концерт на ракометното игралиште во Битола. Два и пол часа се пееја македонски, српски и ромски песни. На сцената се редеа и хитови и фолк-ѕвезди. Од Сузана Гавазова, Анета Молика и Ирена Спасовска, до Марјан Коцев, Благоја Грујовски и Зуица Лазова, сите беа дел од концертот „Нотите на Македонија“.

„Ова е прв од неколкуте вакви концерти што ќе се одржат во иднина“, откри за „Репортер“  Ирена Спасовска, која, освен што пееше, е и еден од организаторите на концертот.

Таа вели дека првиот заеднички настап на фолк-пејачите по скоро две години поради пандемијата, е доказ дека на публиката ѝ фалела македонската народна песна.

„Луѓето ја сакаат музиката, а тоа што го видовме вчера ни е поттик да продолжиме да организираме вакви концерти во 2022 година. И сите тие ќе се на високо ниво како овој, бидејќи нашите пејачи го заслужуваат тоа. Среќна сум што сè помина одлично. Им благодарам и на колегите за нивната професионалност, што направија овој концерт долго да се памети“, рече Ирена.

Пејачката ни раскажа дека битолчани одлично се забавуваа скоро три часа, но дека најголем мерак им направил настапот на Анета и групата Молика.

„Тие на крај испеаја уште неколку песни, а публиката не сакаше да ги пушти да си заминат. Имаше многу аплауз, пеење, овации. А ние ги запазивме сите мерки за заштита и според протоколот, во публика имаше само 1000 луѓе што можеа да уживаат во убавата песна“, рече Ирена.

Водителка на „Нотите на Македонија“ беше Анета Даева, а концертот го организираше Мојсо продукција и Дејан Арт студио.

„Ова е само почеток. Продолжуваме понатаму уште посплотени за нови успеси“, додаде Ирена.

Редакција Репортер

Share
Scroll to Top