Српската ѕвезда Јелена Карлеуша јавно го пофали дизајнерот Златко Јовановски дека конечно донел висока мода во “Ѕвездите на Гранд”. Откако Марија Груевска се појави на снимањето на шоуто во раскошен златен фустан, дизајн на ЈЗЈ, Карлеуша на „Инстаграм“ објави неколку фотки и видеа од креацијата. Таа не криеше дека е воодушевена и во едно од видеата рече дека се заљубила во фустанот.
„Висока мода во Гранд од ЈЗЈ. Интересна натпреварувачка од Македонија и мојата песна ‘Управо остављена’ во џез акустична верзија“, напиша Карлеуша.
Златко, кој не крие дека Јелена му е една од омилените пејачки, ѝ се заблагодари за комплиментите.
„Кога ѕвезда како Јелена ќе те пофали, знаеш дека си на вистинскиот пат“, напиша тој.
Златко, неодамна во интервју за „Репортер“ раскажа дека сака да креира за неколку светски и регионални ѕвезди, а дека Карлеуша е една од нив.
Епизодата во која пее Марија ќе се прикажува следната недела.