(ФОТО) Латифи: Напредува изградбата на 400 kV интерконекција со Албанија, започнаа тестирањата на трафостаницата во Охрид

(ФОТО) Латифи: Напредува изградбата на 400 kV интерконекција со Албанија, започнаа тестирањата на трафостаницата во Охрид

пред 6 часа

Изградбата на 400 kV интерконекцијата меѓу Македонија и Албанија напредува, а новата трафостаница во Охрид веќе влегува во завршната фаза. Истовремено, започна и поставувањето на првите столбови на 400 kV далекувод Битола–Елбасан.

За напредокот на овој стратешки енергетски проект информираше генералниот директор на МЕПСО Бурим Латифи, кој изврши увид во текот на градежните и монтажни активности.

Според Латифи, на 400 kV трафостаница во Охрид е завршена инсталацијата на примарната и секундарната опрема, по што веќе се започнати оперативните и функционални тестирања.

Станува збор за последната фаза на проверки пред трафостаницата да биде подготвена за пуштање во употреба.

Паралелно со активностите во Охрид, напредува и изградбата на 400 kV далекувод Битола–Елбасан. Започната е монтажата на првите далекуводни столбови, при што дел од нив веќе се поставени, додека работите продолжуваат и на останатите локации долж трасата.

„Овој напредок ја потврдува нашата посветеност за реализација на проектот во согласност со предвидените рокови“, порача Латифи.

Со завршувањето на интерконекцијата, Македонија и Албанија ќе добијат нова директна 400 kV електроенергетска врска. Проектот треба да придонесе за поголема сигурност и стабилност на преносната мрежа, зголемување на прекуграничните капацитети за размена на електрична енергија и посилно поврзување на електроенергетските системи на двете земји.

Интерконекцијата е значајна и од регионален аспект, бидејќи треба да овозможи подобра интеграција на пазарите на електрична енергија и дополнително поврзување на преносната инфраструктура во регионот.

Латифи нагласи дека активностите продолжуваат со цел изградба на модерен, сигурен и меѓусебно поврзан електроенергетски систем.

Со пуштањето во функција на новата 400 kV врска, Македонија и Албанија ќе добијат инфраструктура од стратешко значење за идната прекугранична размена на електрична енергија и сигурноста на снабдувањето.

Share
Scroll to Top