ФОТО | Сидни Свини е далечна роднина на Мерилин Монро: Откриена врска што води до 17 век

ФОТО | Сидни Свини е далечна роднина на Мерилин Монро: Откриена врска што води до 17 век

пред 10 часа

Сидни Свини со години ја споредуваат со Мерилин Монро, а ново генеалошко истражување покажува дека двете актерки имаат и далечна семејна врска. Според платформата MyHeritage, ѕвездата на „Еуфорија“ и легендарната холивудска икона се деветти братучетки, со разлика од една генерација во семејното стебло.

Истражувачите ја пронашле врската преку нивните татковци. Стивен Свини, таткото на Сидни, и Чарлс Стенли Гифорд, биолошкиот татко на Монро, потекнуваат од заеднички предок — Езра Пери, доселеник во Сандвич, Масачусетс, кој живеел во 17 век.

Станува збор за многу далечно сродство, чии корени се протегаат неколку векови наназад. Откритието, сепак, им дава нова димензија на честите споредби меѓу двете актерки.

Свини, која има 29 години, во повеќе наврати се појавуваше во модни комбинации инспирирани од стилот на Монро. Во февруари, на Меѓународниот филмски фестивал во Санта Барбара, носеше винтиџ фустан од дизајнерката Сил Чепмен, многу сличен на оној во кој Монро се појави на насловната страница на магазинот „Лајф“ на 7 април 1952 година.

Фустанот со откриени раменици, ракави со должина до под лактите и набран материјал околу половината го долови гламурот на стариот Холивуд, со кој Свини сè почесто ја поврзуваат.

Слична инспирација имаше и на премиерата на „The Housemaid“ во декември 2025 година. Тогаш актерката носеше бел фустан од Галија Лахав, кој потсетуваше на култната креација на Монро од филмот „The Seven Year Itch“. На доделувањето на наградите „Governors Awards“, пак, нејзината кратка руса коса со меки бранови предизвика споредби со изгледот на Монро во „Gentlemen Prefer Blondes“.

Мерилин Монро почина во 1962 година, на 36-годишна возраст, но нејзиниот стил продолжува да инспирира нови генерации актерки. За Свини, која често ја нарекуваат „модерната Мерилин“, истражувањето открива дека поврзаноста со славната претходничка се протега и низ семејната историја.

Share
Scroll to Top