Доли Партон, една од најголемите и највлијателни ѕвезди во историјата на кантри-музиката, зад себе остави кариера долга повеќе од шест децении и песни кои одамна ги надминаа границите на жанрот.
Нејзината музика спојуваше препознатливи мелодии, силни емоции и едноставни, но моќни приказни за љубовта, разделбите, работата, семејството и гордоста на сопствените корени.
Иако во текот на кариерата создаде огромен каталог песни, неколку од нив станаа вистински дел од светската популарна култура.
„Jolene“
Еден од најпознатите хитови на Доли Партон беше објавен во 1973 година.
Песната ја раскажува приказната за жена која ѝ се обраќа на друга жена и ја моли да не ѝ го одземе партнерот. Со едноставната музичка структура, напнатоста и силната емоција, „Jolene“ стана една од најпрепознатливите и најчесто обработуваните кантри-песни на сите времиња.
Песната подоцна се најде на албумот „Jolene“, објавен во 1974 година, и стана вториот сингл на Партон кој стигна до врвот на американската кантри-листа.
Децении подоцна, нејзината а капела верзија снимена со групата Pentatonix освои Греми во 2017 година за најдобра кантри-изведба на дуо или група.
Оригиналната снимка на „Jolene“ беше вклучена и во Grammy Hall of Fame.
„I Will Always Love You“
Една од најголемите балади на Доли Партон е „I Will Always Love You“, која таа ја напиша и првпат ја објави во 1974 година на албумот „Jolene“.
Песната била создадена како емотивно збогување со нејзиниот долгогодишен деловен партнер Портер Вагонер, откако Партон решила да го напушти нивното заедничко телевизиско шоу и да продолжи со самостојна кариера.
Со текот на времето таа стана една од најзначајните авторски песни во нејзината кариера.
Светска популарност надвор од кантри-публиката доби откако Витни Хјустон ја сними својата верзија за филмот „The Bodyguard“.
Оригиналната изведба на Партон беше вклучена во Grammy Hall of Fame во 2007 година.
Доли претходно повторно ја сними песната во 1982 година за саундтракот на филмот „The Best Little Whorehouse in Texas“, а и таа верзија постигна голем успех.
„9 to 5“
Хитот „9 to 5“ од 1980 година стана своевидна химна на вработените и симбол на борбата против исцрпувачкото секојдневие на работното место.
Песната беше создадена за истоимениот филм, во кој Доли Партон ја оствари и една од своите најпознати актерски улоги.
Подоцна беше објавена и на саундтрак-албумот „9 to 5 and Odd Jobs“.
„9 to 5“ ѝ донесе две Греми награди – за најдобра кантри-песна и за најдобра женска кантри-вокална изведба.
Песната беше номинирана и за Оскар за најдобра оригинална песна, а успеа да го освои првото место и на американската кантри и на поп-листата.
„Coat of Many Colors“
„Coat of Many Colors“ е една од најличните песни што Доли Партон ги напишала.
Објавена е во 1971 година на истоимениот албум, а инспирацијата доаѓа од нејзиното детство.
Партон во песната раскажува за палтото кое мајка ѝ го сошила од различни парчиња ткаенина, бидејќи семејството немало доволно пари за нова облека.
Пејачката во повеќе наврати истакнувала дека „Coat of Many Colors“ е една од нејзините омилени песни.
Албумот беше номиниран за CMA награда за албум на годината во 1972 година, а песната подоцна беше примена и во Grammy Hall of Fame.
„Here You Come Again“
Со „Here You Come Again“ од 1977 година, Партон направи голем чекор кон пошироката поп-публика.
Баладата зборува за повторното појавување на љубовта која човек се обидува да ја преболи, а успехот на песната дополнително го зацврсти нејзиниот статус на ѕвезда која може да ги надмине жанровските граници.
Песната беше дел од истоимениот албум.
Токму „Here You Come Again“ ѝ ја донесе и првата Греми награда во кариерата, за најдобра женска кантри-вокална изведба.
„Islands in the Stream“
Дуетот со Кени Роџерс од 1983 година стана еден од најголемите љубовни хитови на осумдесеттите.
„Islands in the Stream“ покажа колку успешно гласот на Партон може да функционира и во поп-продукција, а песната остана популарна и децении подоцна.
Беше објавена на албумот на Кени Роџерс „Eyes That See in the Dark“.
Песната стигна до првото место на американската Billboard Hot 100 листа, но и на кантри-листата.
Партон и Роџерс во 1984 година ја освоија наградата на Academy of Country Music за најдобар вокален дует, а синглот со текот на времето достигна и повеќекратен платинест тираж.
„Why’d You Come in Here Lookin’ Like That“
Во 1989 година Доли Партон ја покажа и својата разиграна страна со песната „Why’d You Come in Here Lookin’ Like That“.
Енергичната нумера беше дел од албумот „White Limozeen“ и зборува за средба со поранешен партнер чиј изглед повторно предизвикува силни чувства.
Песната стана еден од нејзините позначајни кантри-хитови од крајот на осумдесеттите години, а публиката особено ја засака поради брзиот ритам и духовитиот текст.
Кариера што траеше повеќе од шест децении
Доли Партон во текот на својата кариера прерасна од кантри-пејачка во глобална музичка и културна икона.
Нејзините песни ги слушаа повеќе генерации, а дел од нив добија нов живот преку бројни обработки од други светски музички ѕвезди.
Освен како пејачка и авторка, Партон изгради успешна кариера и како актерка, претприемач и филантроп.
Според објавените информации, веста за нејзината смрт на 80-годишна возраст ја потврдил нејзиниот внук Брајан Сивер преку видео објавено на социјалните мрежи.
„Ја замислував тежината на овој момент, но дури сега навистина ја чувствувам. Огромна чест е, помешана со неизмерна гордост и голема тага“, порача Сивер.
Зад Доли Партон остануваат десетици албуми, безброј награди и песни кои одамна станаа дел од музичката историја.
Но ако нејзината кариера треба да се опише преку неколку песни, „Jolene“, „I Will Always Love You“, „9 to 5“, „Coat of Many Colors“, „Here You Come Again“ и „Islands in the Stream“ сигурно ќе останат меѓу оние по кои светот најдолго ќе ја памети.






