Храброст што инспирира: „Големо срце“ за Марко Пејчиновски

Храброст што инспирира: „Големо срце“ за Марко Пејчиновски

пред 3 часа

Здружението на жени менаџерки „Елит” ја додели престижната награда „Големо срце“ на младиот маратонец и хуманист Марко Пејчиновски, во знак на признание за неговата извонредна храброст, спортски дух и несебична посветеност на хуманитарните цели.

„И покрај сериозните здравствени предизвици со кои се соочува од најрана возраст, Марко Пејчиновски стана инспирација не само во спортот, туку и во целото наше општество. Со своите маратони, меѓу кои и препливувањата на Охридското Езеро, тој не само што ги поместува границите на човечката издржливост, туку испраќа и силна порака за надеж, верба и поддршка на лицата со ретки болести.

Неговите спортски подвизи се секогаш поврзани со хуманитарна мисија – подигање на јавната свест и обезбедување поддршка на оние на кои им е најпотребна. Токму затоа, наградата „Големо срце“ му беше доделена како признание на млад човек кој со својот пример покажува дека вистинската сила доаѓа од срцето“, се вели во соопштението.

Освен плакатата му беа доделени и финансиски средства кои тој ги подари на деца со сериозни здраствени проблеми. На тој начин добрината се споделува и шири и го прави светот похуман.

„Марко е доказ дека годините не се мерка за големината на делата. Неговата истрајност, човечност и позитивна енергија се инспирација за сите нас“, потенцираше Андреа Илоска доделувајќи му ја наградата.

„Со оваа награда, Здружението на жени менаџерки „Елит“ продолжува да ја поддржува и промовира хуманоста, солидарноста и позитивните примери во нашето општество, верувајќи дека токму ваквите личности го менуваат светот на подобро“, истакна претседателката на „Елит“, Ленка Угриновска.

Наградата „Големо срце“ се доделува петта година по ред.

Share
Scroll to Top