Храна против целулит: Еве што треба да јадете, а што да избегнувате за поцврста и поубава кожа

Храна против целулит: Еве што треба да јадете, а што да избегнувате за поцврста и поубава кожа

пред 6 часа

Иако целулитот е сосема природна појава и се јавува кај речиси 90 проценти од жените, многумина сè уште го сметаат за естетски проблем кој сакаат да го намалат. Експертите велат дека не постои чудотворен лек што целосно ќе го отстрани целулитот, но правилната исхрана може значително да влијае врз изгледот на кожата и да ја подобри нејзината цврстина и еластичност.

Според нутриционистите, клучна улога имаат намирниците кои го поттикнуваат создавањето колаген, ја подобруваат циркулацијата и ги намалуваат воспалителните процеси во организмот. На врвот на листата се овошјето и зеленчукот богати со витамин Ц, како портокали, лимони, грејпфрут и пиперки. Витаминот Ц е неопходен за создавање колаген, протеин кој ѝ дава цврстина и еластичност на кожата и помага во намалување на видливоста на целулитот.

Посебно значење имаат и омега-3 масните киселини кои се наоѓаат во лососот, скушата и сардината. Тие ги зајакнуваат клеточните мембрани, ја подобруваат циркулацијата и имаат силно антиинфламаторно дејство. За луѓето кои не консумираат риба, добра алтернатива се ленените семиња, кои дополнително помагаат во регулирањето на хормоналната рамнотежа.

Во борбата против целулитот важна улога има и детоксикацијата на организмот. Свежите билки како магдоносот и коријандерот помагаат во исфрлање на токсините од телото, додека аспарагусот, богат со фолна киселина, придонесува за подобра циркулација и намалување на стресот, кој е еден од факторите што влијаат врз таложењето масти.

Зелениот лиснат зеленчук, како спанаќот и кељот, обезбедува магнезиум и дополнителни количини витамин Ц, а ѓумбирот го стимулира протокот на крвта и работата на лимфниот систем. Експертите нагласуваат дека доволниот внес на вода е неопходен за одржување на кожата хидрирана, мека и еластична.

Од друга страна, постојат намирници кои можат дополнително да го нагласат целулитот. Најголем непријател е шеќерот, кој преку процесот на гликација ги оштетува колагенот и еластинот во кожата, правејќи ја потенка и помалку отпорна. Покрај шеќерот, прекумерниот внес на сол доведува до задржување течности и појава на подуеност, што го прави целулитот уште повидлив.

Нездравите масти, пржената храна, чипсот, белото брашно и индустриски преработените производи исто така негативно влијаат врз циркулацијата и го поттикнуваат таложењето масно ткиво. Алкохолот дополнително го дехидрира организмот и може да ги влоши воспалителните процеси.

Иако генетиката игра значајна улога во појавата на целулитот, стручњаците се согласни дека избалансираната исхрана, доволниот внес на вода и редовната физичка активност можат значително да ја подобрат текстурата на кожата и да го намалат неговото појавување. Резултатите не доаѓаат преку ноќ, но здравите навики на долг рок носат поубава кожа и подобро општо здравје.

Share
Scroll to Top