Храната и горивата ги намалија цените – инфлацијата во јуни со месечен пад од 0,5 проценти

Храната и горивата ги намалија цените – инфлацијата во јуни со месечен пад од 0,5 проценти

пред 5 часа

Инфлацијата во јуни забележа месечен пад од 0,5 проценти, главно поради пониските цени на храната и горивата. Сепак, на годишно ниво трошоците на животот продолжуваат да растат и се 3,4 проценти повисоки во споредба со јуни минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во споредба со мај, најголемо намалување на цените е регистрирано во секторот транспорт, каде што тие се пониски за 1,6 проценти. Следува храната и безалкохолните пијалаци, кои поевтиниле за 1,1 процент, што најмногу придонесе инфлацијата на месечно ниво да премине во негативна зона.

Од друга страна, најголем месечен раст на цените е забележан во категоријата рекреација, спорт и култура, каде што тие се повисоки за 1,4 проценти.

Личната нега, социјалната заштита и разновидните услуги бележат раст од 0,5 проценти, додека цените на покуќнината, опремата за домаќинствата, ресторанските и хотелските услуги се зголемени за 0,3 проценти. Здравствените услуги и телекомуникациите поскапеле за 0,2 проценти, а облеката и обувките за 0,1 процент.

На годишно ниво, најголем раст на цените е регистриран кај алкохолните пијалаци и тутунот, кои се поскапи за 9,3 проценти.

Во транспортот цените се повисоки за 6,2 проценти, во рекреацијата, спортот и културата за 5,1 процент, кај рестораните и хотелите за 4,9 проценти, а кај покуќнината и опремата за домаќинствата за 4,2 проценти.

Храната и безалкохолните пијалаци, како најзначајна ставка во потрошувачката кошничка, на годишно ниво се поскапи за 2,5 проценти, додека домувањето, електричната енергија, водата и гасот бележат раст од 2,8 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во јуни е намален за 0,8 проценти во однос на мај, но на годишно ниво бележи пораст од 3,6 проценти.

Share
Scroll to Top