„Чет-ГПТ“ добива увид во банкарските податоци: Експертите предупредуваат на ризици од сајбер-напади

„Чет-ГПТ“ добива увид во банкарските податоци: Експертите предупредуваат на ризици од сајбер-напади

пред 1 час

Компанијата „Опен АИ“ претстави нова функција која овозможува поврзување на банкарските сметки директно со „Чет-ГПТ“, отворајќи нови можности за персонализирано финансиско планирање, но истовремено предизвикувајќи и сериозна загриженост кај експертите за сајбер-безбедност.

Новата опција засега е достапна за корисниците на „Чет-ГПТ Про“ во САД и овозможува интеграција со повеќе од 12.000 финансиски институции. Преку оваа функција, корисниците ќе можат директно во системот да ја следат својата потрошувачка, состојбата на сметките, инвестициите и другите финансиски активности.

Од „Опен АИ“ велат дека системот е дизајниран да им помогне на корисниците да поставуваат прашања поврзани со нивните лични финансии – од анализа на месечни трошоци и планирање купување недвижност, до управување со долгови и инвестиции.

Дополнително, компанијата најави и партнерство со „Интуит“, преку кое корисниците ќе можат да закажуваат консултации со даночни експерти директно преку „Чет-ГПТ“.

Новиот систем ќе може да памети информации како што се заштеди, кредити, месечни трошоци и финансиски цели, со цел идните разговори да бидат поперсонализирани и попрецизни.

Сепак, иако од компанијата нагласуваат дека „Чет-ГПТ“ нема да има пристап до целосните броеви на банкарските сметки и нема да може да менува финансиски податоци, системот сепак ќе може да ги анализира состојбите, трансакциите, долговите и инвестициите.

Токму ова предизвика реакции кај дел од експертите за приватност и сајбер-безбедност, кои предупредуваат дека секој пристап до чувствителни финансиски информации носи потенцијални ризици.

Особено внимание привлекува опцијата „Подобри го моделот за сите“ („Improve the model for everyone“), која кај дел од корисниците може автоматски да биде активирана. Тоа би значело дека информациите би можеле да се користат за подобрување и тренирање на идни модели на вештачка интелигенција, доколку корисникот рачно не ја исклучи опцијата.

Според експертите, евентуално протекување на податоци би можело да им овозможи на хакерите да создаваат многу поубедливи фишинг-измами, бидејќи би имале увид во навиките на корисниците, местата каде купуваат и нивните финансиски активности.

Од „Опен АИ“ засега не соопштуваат кога функцијата ќе биде достапна за корисниците на глобално ниво.

Иако новата технологија отвора простор за попаметно управување со личните финансии, дебатата за безбедноста и приватноста на корисничките податоци очигледно штотуку започнува.

Share
Scroll to Top