Шишињата за вода за повеќекратна употреба можат да станат легло на бактерии ако не се мијат редовно

Шишињата за вода за повеќекратна употреба можат да станат легло на бактерии ако не се мијат редовно

пред 13 часа

Шишињата за вода за повеќекратна употреба станаа секојдневен аксесоар за милиони луѓе ширум светот, но експертите предупредуваат дека зад навидум здравата навика може да се крие сериозен ризик доколку не се одржуваат правилно.

Микробиолози објаснуваат дека во ваквите шишиња лесно се насобираат бактерии и мувла, особено ако не се мијат редовно. Истражување на американската компанија за филтрирање вода WaterFilterGuru покажало дека во некои шишиња може да се најдат нивоа на бактерии слични на оние што се присутни на тоалетни школки.

Иако шишињата за повеќекратна употреба помагаат во намалување на пластичниот отпад и се популарни меѓу луѓето кои сакаат да внесуваат повеќе вода во текот на денот, експертите предупредуваат дека водата во нив не останува стерилна долго време.

Според микробиолозите, бактериите природно почнуваат да се размножуваат во мирна вода веќе неколку дена по полнењето на шишето, особено ако стои на собна температура. Чувањето на наполнетите шишиња во фрижидер може делумно да го забави растот на микроорганизмите.

Најголем дел од бактериите не доаѓаат само од водата, туку и од самите корисници. Човечката кожа и усната шуплина природно содржат милиони микроорганизми, а секое пиење од шишето внесува нови бактерии.

Меѓу најчестите бактерии кои се пронаоѓаат во шишињата се Staphylococcus и Streptococcus, микроорганизми кои нормално живеат на кожата и во устата, но во одредени услови можат да предизвикаат инфекции на кожата и респираторниот систем.

Дополнително, бактериите од околината лесно се пренесуваат преку рацете и површините на кои се остава шишето. Доколку лицето не ги мие рацете редовно, во шишето можат да завршат и цревни бактерии како Escherichia coli (E. coli), кои се поврзуваат со фекално загадување.

Истражувањето на WaterFilterGuru покажало дека нивото на E. coli во некои шишиња е споредливо со бактериите што се наоѓаат на тоалетни школки.

Контаминираната вода може да предизвика стомачни проблеми, дијареја и повраќање, а доколку се развие мувла, можни се и алергиски реакции. Најголем ризик има кај бремените жени, малите деца, постарите лица и луѓето со ослабен имунитет.

Експертите советуваат шишињата за вода да се мијат секојдневно со топла вода и детергент, особено капачињата и деловите околу отворот за пиење, каде најлесно се задржуваат бактерии.

Share
Scroll to Top