Британската радиостаница „Каролина“ предизвика вистинска паника и шок кај слушателите откако по грешка објави дека кралот Чарлс Трети починал.
Инцидентот се случил додека радиото ја емитувало песната „What’s Up“ од групата „4 Non Blondes“, кога програмата ненадејно била прекината со итно соопштение за наводната смрт на британскиот монарх. Веднаш потоа била пуштена и британската химна „God Save the King“.
Веста брзо предизвикала збунетост кај слушателите низ јужниот дел на Англија, каде што се емитува програмата на радиото.
Само кратко време подоцна, радиостаницата јавно се извини и соопшти дека станувало збор за „компјутерска грешка“.
„Поради компјутерска грешка во нашето главно студио, случајно беше активирана процедурата за смрт на кралот, која сите радиостаници во Велика Британија ја чуваат подготвена со надеж дека никогаш нема да биде потребна“, објави водителот Питер Мур на Фејсбук.
Тој додаде дека радиото веднаш пуштило претходно подготвена порака поврзана со кралот и кралицата, нагласувајќи дека се надеваат оти такви пораки нема да мора да се користат уште многу години.
„Му се извинуваме на Неговото Височество Кралот и на нашите слушатели за непријатностите“, напиша Мур.
Лажната вест предизвикала бројни реакции на социјалните мрежи, а дел од слушателите признале дека во првиот момент поверувале дека кралот навистина починал.
„Бев во шок. Им кажав на сопругата и соседите, а потоа сфатив дека станува збор за грешка“, напишал еден слушател.
Друг коментар гласи:
„Работев во гаража кога ја слушнав веста. Втрчав дома викајќи: ‘Чарлс е мртов!’ А сопругата само ме погледна збунето и ми рече: ‘Па вчера беше на изложбата на цвеќе’.“
Во меѓувреме, кралот Чарлс Трети и кралицата Камила продолжија со своите јавни активности без никакви проблеми. Кралската двојка пристигна во Белфаст на нивната прва официјална посета на Северна Ирска оваа година, веднаш по присуството на Кралската изложба на цвеќе во Челзи.
Нивната прва станица во Белфаст била настан организиран во квартот Титаник, по повод најголемиот фестивал на ирска музика и танц во светот.
Инцидентот повторно отвори дискусија во британската јавност за чувствителноста на медиумските системи и процедурите што медиумите ги подготвуваат за евентуална смрт на членови на кралското семејство.





