Одбегнувајте ги вејповите, инаку тие ќе ве стигнат“ – ова е пораката што ја испраќа млада Британка од Манчестер, откако ѝ бил дијагностициран тежок и редок облик на рак на белите дробови, болест што ѝ го променила животот во само неколку месеци.
Кејли Бод, која започнала со употреба на електронски цигари уште како тинејџерка на 15-годишна возраст, со години користела „вејпови“, најчесто еднократни уреди со капацитет од околу 600 вдишувања неделно. Она што започнало како навика, подоцна прераснало во зависност, која според нејзината приказна траела до почетокот на минатата година.
Првите знаци на сериозен здравствен проблем се појавиле кога почнала да искашлува густa кафеава слуз, по што следувале кожни промени кои лекарите првично ги припишале на херпес, шуга или варичела. Неколку различни дијагнози и терапии не дале резултат, а состојбата продолжувала да се влошува.
Со текот на времето, симптомите станале поалармантни, меѓу нив и искашлување крв. Тогаш бил направен рендген, кој открил засенчување на белите дробови. И покрај загрижените наоди, првичните проценки на медицинскиот тим биле дека малку е веројатно да станува збор за малигна болест, со оглед на нејзината возраст.
„Ми рекоа дека се 99 проценти сигурни дека не е рак. Беше шок кога подоцна дознав дека станува збор токму за тоа“, раскажува Кејли.
За да се утврди вистинската природа на промената, биле направени дури седум биопсии. На крајот, лекарите ја потврдиле најтешката дијагноза – рак на белите дробови во трет стадиум. Болеста, и покрај започнатата хемотерапија, повторно се вратила во белите дробови.
Онкологот, според нејзините зборови, истакнал дека ваков тип на случај е исклучително редок и најчесто се јавува кај луѓе постари од 80 години.
Терапијата дополнително ја исцрпила младата пациентка. Таа опишува драматични последици од лекувањето: неможност да ја држи главата исправена, повраќање со крв и сериозно слабеење, изгубила околу четири килограми за само четири дена.
Иако медицинските експерти сè уште не можат со сигурност да ја утврдат точната причина за развојот на болеста, случајот повторно ја отвора дебатата за можните ризици од долготрајното користење на електронски цигари, особено кај млади лица.
Приказната на Кејли денес се претвора во предупредување, не само за младите кои користат вејпови, туку и за пошироката јавност која сè почесто ги смета за „безбедна алтернатива“ на класичното пушење.






