Градот Њујорк тоне во просек по два милиметри годишно поради големата тежина на зградите и облакодерите, покажа истражувањето на Американскиот геолошки институт.
Тежината на зградите во Њујорк не само што предизвикува градот да тоне помеѓу еден и два милиметри годишно, туку и го прави ранлив на природни катастрофи, вели водечкиот истражувач и геолог Том Парсонс и додаде студијата покажала дека особено е ранлив Долниот Менхетен.
„Постои загриженост и за Бруклин и Квинс“, рече Парсонс.
Американските истражувачи ја пресметале кумулативната маса на милионите згради и дошле до бројка околу 764.000.000 тони, а потоа го поделиле целиот простор на површини од 100 квадратни метри и на тој начин го пресметале притисокот врз секоја зона, јавуваат американските медиуми.
Како што пренесуваат медиумите, била пресметана и брзината со која тоне секоја од овие зони, но истражувачите при таа пресметка не ја земале предвид кумулативната тежина на мостовите, железничките пруги, патиштата и другите структури, што значи дека податоците што ги имаат даваат полесни вредности.
Притисокот што се врши на теренот веќе доведува до деформации, на ист начин како што се забележува на тектонските плочи во случај на топење на глечерите, што може, како што проценуваат, да доведе до проблеми за 8,4 милиони жители на метрополата.
Њујорк, како што нагласуваат, се соочува со значителни предизвици поради опасноста од поплави. Заканата од пораст на нивото на морето е три до четири пати поголема од глобалниот просек долж брегот на Атлантикот на Северна Америка.
Голема концентрација на њујорчани се соочуваат со различен степен на ризик од поплави, се вели во извештајот, кој не потсетува дека „Големото јаболко“ веќе ги претрпе последиците за кои предупредувале.
Двата неодамнешни урагани предизвикаа жртви и голема штета во Њујорк, Сенди исфрли морска вода во градот во 2012 година, додека обилните врнежи од ураганот Ајда во 2021 година ги преплавија системите за одводнување.
„Њујорк тајмс“ пишува за слична, но потешка судбина на индонезиската престолнина Џакарта, која, според тамошните експерти, има многу проблеми, а еден од нив е тоа што тоне со многу побрзо темпо од Њујорк.
Некои делови од градот тонат повеќе од 30,48 см годишно, поради што предвидувањата велат дека доколку ништо не се превземе барем четвртина од главниот град на Индонезија ќе биде под вода до 2050 година. Затоа, голем дел од 30-те милиони жители на Џакарта во иднина ќе мора да се преселат.
Зголемувањето на нивото на морето му се заканува на еден од најгусто населените градови во светот, со 10 милиони луѓе кои живеат на површина од половина од Њујорк, а уште 20 милиони во околниот регион.
Индонезискиот претседател Џоко Видодо, во деветтата година од неговиот претседателски мандат, донесе храбра одлука да го пресели главниот град на земјата следната година. За да се справи со оваа закана, тој одлуката ја донесе со закон пред крајот на неговиот втор и последен мандат.
Новиот главен град, кој сега се гради, се вика Нусантара. Дописникот на „Њујорк Тајмс“, кој заедно со индонезискиот претседател ја посети идната престолнина, потсетува дека тој се гради од темел, на околу 1.300 километри од Џакарта.
Додаде и дека Јоко Видодо ветува дека за неколку децении градот ќе биде модел на управување со животната средина и јаглеродно неутрален. За разлика од Џакарта, која е во Јава, регион кој долго време доминира во политиката и економијата на земјата, Нусантара е во Борнео, каде што жителите се чувствуваа запоставено.