Џони Деп, Алис Купер и Џо Пери доаѓаат во регионот: Hollywood Vampires на 3 септември во Загреб

Џони Деп, Алис Купер и Џо Пери доаѓаат во регионот: Hollywood Vampires на 3 септември во Загреб

пред 9 часа

Љубителите на рок-музиката од Македонија ќе имаат можност релативно блиску да го проследат еден од поатрактивните рок-спектакли оваа есен. Супергрупата Hollywood Vampires, во која настапуваат Џони Деп, Алис Купер, Џо Пери и Томи Хенриксен, на 3 септември 2026 година ќе одржи концерт во Арена Загреб.

Настапот е дел од европската турнеја на групата, која се враќа на сцената по речиси тригодишна пауза. Турнејата започна на 12 август во лондонската O2 Arena, а според првите реакции, публиката добива речиси два часа енергичен рокенрол.

На концертот во Загреб ќе бидат изведени и авторски песни на Hollywood Vampires, меѓу кои „I Want My Now“, „Raise the Dead“ и „My Dead Drunk Friends“.

Сепак, голем дел од програмата ќе биде посветен и на некои од најпознатите песни во историјата на рок-музиката.

На сет-листата се најавени обработки на песни од Алис Купер и Aerosmith, но и од The Doors, The Who, Дејвид Боуви и AC/DC.

Меѓу нумерите што се издвојуваат се „Heroes“, „Highway to Hell“, „Livin’ on the Edge“, „School’s Out“ и „Another Brick in the Wall“.

Концертот ќе започне со драматичен филмски вовед кој ја внесува публиката во препознатливата мрачна атмосфера на Hollywood Vampires.

Покрај музичкиот дел, најавена е и богата сценска продукција со големи видео-проекции, анимации, ласерски ефекти, чад и препознатлива вампирска сценографија.

Дополнителна причина за интерес кај фановите е и новиот концертен албум „At Montreux Jazz Festival“, објавен на 14 август.

Албумот содржи 16 песни снимени за време на настапот на Hollywood Vampires на Montreux Jazz Festival во 2018 година.

Hollywood Vampires се познати по тоа што на своите концерти ги спојуваат сопствените песни со рок-класици од музичари и бендови кои оставиле големо влијание врз нив.

Настапот во Загреб на 3 септември така ќе биде можност и за македонската публика да ги види на иста сцена Џони Деп, Алис Купер, Џо Пери и Томи Хенриксен.

Билетите за концертот во Арена Загреб се достапни преку системот Eventim.

Share
Scroll to Top