Џони Деп се врати на врвот: „Ебенезер“ заработи 42 милиона долари за првиот викенд

Џони Деп се врати на врвот: „Ебенезер“ заработи 42 милиона долари за првиот викенд

пред 4 часа

Џони Деп повторно е на врвот на киноблагајните. Неговиот нов филм „Ебенезер“, во кој го игра познатиот лик од делото на Чарлс Дикенс, заработи околу 42 милиона долари во светот за првиот викенд и го зазеде првото место во северноамериканските кина. За актерот ова е прв филм на големо холивудско студио по осум години.

Филмот, кој пристигна во кината на 13 ноември, заработил околу 19 милиони долари во САД и Канада, додека уште 23 милиони долари дошле од 63 меѓународни пазари, покажуваат првичните процени на студиото „Парамаунт“.

Најголем дел од меѓународната заработка доаѓа од Велика Британија, каде што филмот остварил околу 5,4 милиони долари. На врвот на киноблагајните се нашол и во Италија, Мексико и Шпанија.

Според „Асошиејтед прес“, продукцијата чинела околу 38 милиони долари. Заработката од продадените билети не значи дека целиот износ му припаѓа на студиото, бидејќи приходите се делат со кината, а постојат и трошоци за промоција.

Деп како Ебенезер Скруџ

Во новата филмска верзија инспирирана од „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс, Деп го толкува Ебенезер Скруџ. Приказната го следи ликот низ викторијански Лондон и неговата средба со духови, отворајќи го прашањето како станал човекот што публиката го познава и дали може да се промени.

Режисер на филмот е Ти Вест, познат по хорор-франшизата „X“. Покрај Деп, во актерската екипа се и Руперт Гринт, Андреа Рајзборо, Сем Клафлин, Дејзи Ридли и Иан Мекелен.

Публиката и критичарите, сепак, не реагираа подеднакво. Според податоците што ги пренесува „Асошиејтед прес“, критиките биле поделени, додека реакциите на посетителите биле поповолни.

Анкетата спроведена меѓу гледачите по излегувањето од кино покажала дека 51 отсто од нив го навеле токму Деп како причина поради која купиле билет. Околу 65 отсто рекле дека дефинитивно би им го препорачале филмот на пријателите.

Интересот за актерот останува голем

Последниот филм на големо студио во кој настапи Деп пред „Ебенезер“ беше „Фантастични ѕверови: Злосторствата на Гринделвалд“ од 2018 година. Во меѓувреме, актерот работеше и на независни и странски филмски продукции.

Неговата кариера во изминатите години беше проследена и со големо медиумско внимание по судските спорови со поранешната сопруга Амбер Херд. Затоа настапот во „Ебенезер“ привлече внимание и како враќање во филм на големо холивудско студио.

Првиот викенд покажува дека интересот за актерот и натаму е голем, иако ќе биде потребно повеќе време за да се види колку филмот ќе ја задржи публиката во кината.

За споредба, како што наведува „Асошиејтед прес“, два филма од франшизата „Пиратите од Карибите“, во која Деп го играше капетанот Џек Спероу, заработиле повеќе од 100 милиони долари при отворањето во Северна Америка.

Следниот најавен филм на актерот е трилерот „Day Drinker“, чие прикажување е предвидено за март.

Извор: Associated Press / ABC News и Paramount Pictures.

Share
Scroll to Top