Премиерот Зоран Заев прими делегација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (Синдикат на УПОЗ) предводена од претседателот Пецо Грујовски и генералниот секретар Трпе Деановски.
Од Владата соопштија дека е договорено во Буџетот за 2021 година за првпат да се предвиди и исплата на регрес за годишен одмор согласно потпишаниот Грански колективен договор, односно за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Град Скопје, општините во Град Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.
„На средбата со претставниците на Синдикатот на УПОЗ е разговарано дека Владата на Република Северна Македонија ќе даде насока исплатата на регресот за годишен одмор да се одвива во месеците јули, август и септември 2021 година, односно веднаш по исполнувањето на условот вработениот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај работодавачот“, соопштија од Владата.