Индија денеска објави дека се потврдени 48.648 нови случаи на коронавирус, продолжувајќи го трендот на опаѓање на бројот на заразени лица, иако вкупниот број на потврдени случаи во таа земја надмина осум милиони и е втора во светот веднаш зад САД.
Министерството за здравство, исто така, објави се регистрирани 563 смртни случаи во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на починати достигна 121.090 лица.
Забавувањето на пандемијата во Индија сега трае повеќе од еден месец и таа земја пријави помалку од 60.000 нови случаи за скоро две недели. Според Министерството за здравство, Индија има 594.386 активни случаи.
Иако бројот на заразени се намалува низ целата земја, главниот град Њу Делхи може, сепак, да се соочи со трет бран на епидемијата.
Њу Делхи, кој неодамна стана најтешко погодениот град во Индија, е меѓу неколку региони во земјата кои бележат нагло зголемување на бројот на заболени од минатата недела.
Градот бележи повеќе од 5.000 случаи на ден во текот на изминатите три дена. Наглиот пораст на бројот на заразени доаѓа во време кога нивото на загадување е големо, што ги влошува респираторните заболувања кај жителите.