Пендаровски: Треба да размислиме во каква постковид Европа сакаме да живееме

пред 4 години

Претседателот Стево Пендаровски онлајн се обрати на 46. Европска конференција на млади инженери на тема поврзување на инженерските перспективи, којашто, поради пандемијата, се одржува виртуелно. Целта на конференцијата, на која се пријавени повеќе од 150 млади инженери од европските земји, е споделување на нивните знаења, како и развивање на лични и професионални вештини.

„Оваа 2020 година е пресвртна за сите нас и тоа на повеќе нивоа. Кај нас годинава заокружуваме еден век од организираното здружување на инженерите и симболично го означуваме почетокот на новата етапа во инженерството кај нас. Пред само една година никој од нас не ни можеше да претпостави дека ќе се соочиме со пандемија која преку ноќ ќе промени многу наши планови и замисли. Некој можеби ќе забележи дека во изминативе месеци сите ние се навикнавме на онлајн конференции и дека ова веќе не е ништо ново. Но, наместо да ја земаме технологијата здраво за готово, ние треба да се потсетиме на една многу важна работа. А тоа е дека нашите држави, општества и економии продолжија да функционираат и во исклучително тешки услови токму благодарение на научниците и ИТ-инженерите кои со своите иновации нè воведоа во дигиталната ера. Инфраструктурата што тие ја изградија во изминативе децении го положи тестот на нашето време и ни овозможи да функционираме и во услови на социјална дистанца и ограничено движење“, истакна тој.

Пендаровски додаде дека и покрај ваквиот очигледен инженерски подвиг, никој од нас не посакува новата реалност, како што ја нарекуваат, да стане наша трајна состојба. Освен здравствена, пандемијата создаде и економска, социјална и геополитичка криза. Нема држава во Европа и во светот која не е погодена од пад на економскиот раст и од зголемување на невработеноста.

„Соочени со овој голем предизвик, сите ние веќе треба да размислуваме во каков постковид свет, и конкретно, во каква постковид Европа сакаме да живееме. Која е улогата на инженерските струки во обновата на економиите и нашите животи? Постојат повеќе пристапи за надминување на штетните последици од пандемијата, но во речиси сите релевантни меѓународни извештаи се препорачува државите по секоја цена да продолжат да инвестираат во истражување и развој, иновации и нови технологии, бидејќи токму тие се дел од решението. Меѓу многуте неизвесности што со себе ги носи четвртата индустриска револуција, една работа е извесна – инженерската професија ќе има уште поважна улога во градењето на одржлива иднина.

На пример, Светскиот економски форум препознава седум кластери на 97 професии на иднината што веќе се во подем. Во наредните неколку години овие нови професии ќе создадат потреба од милиони нови работни места со што ќе се намали невработеноста предизвикана од пандемијата. Интересно е што 16% од овие професии се од областа на информатичките технологии и на вештачката интелигенција, 12% се од областа на инженерството и клауд-технологиите, а 2% се од областа на зелената економија и обновливите технологии. Иако не се инженерски, останатите четири кластери или околу 70% од новите професии нужно ќе се потпираат на новите технологии и на дигиталните вештини. Потврда за тоа е и студија од 2017 година на McKinsey која покажува дека технологијата секогаш создавала повеќе работни места отколку што затворала. Сето ова зборува дека иднината на нашите држави и економии, и воопшто, иднината на Европа, во буквална смисла на зборот лежи во вашите раце, во рацете на младите инженери. Затоа вие сте можеби најважниот капитал на секоја држава“, рече претседателот.

Според него, наша должност како носители на одлуки е да го зајакнеме партнерството меѓу државата, науката, стопанството и граѓанскиот сектор за да овозможиме квалитетно и современо инженерско образование.

„Јас освен што го доделувам признанието „Инженерски прстен“ на најуспешните млади македонски инженери, се залагам дигитализацијата да биде една од приоритетните области за стратешки развој на Република Северна Македонија во наредната деценија. Се разбира при размислувањето за постковид иднината и за улогата на инженерството, не треба да веруваме дека технологијата ќе ги реши сите проблеми без промена на доминантните производствени, потрошувачки и, воопшто, животни навики. Профитот не треба да го има единствениот збор при инженерските решенија, бидејќи не сè што е краткорочно профитабилно е долгорочно исплатливо. Неопходно е да се посвети повеќе внимание на етиката во инженерството што како врвна вредност ќе го има достоинството на човекот, а како своја цел економскиот, технолошкиот и социјалниот инклузивен зелен развој“, додаде тој.

Share
Scroll to Top