Царовска: Образованието брзо и успешно се прилагоди на новите услови

пред 4 години

Министерката за образование и наука Мила Царовска учествуваше на меѓународен онлајн состанок на министрите за образование од земјите од Југоисточна Европа, чиј домаќин е Министерството за национално образование на Република Турција. Во обраќањето, Царовска нагласи дека пандемијата го забрза процесот на дигитализација на образованието, раздвижувајќи го целиот образовен систем, и укажа на важноста на брзите и темелни реформи насочени кон квалитетно образование за сите деца.

„Покажавме дека можеме и во вонредни околности да организираме успешна настава и за исклучително краток рок да воспоставиме учење на далечина. Тоа ни беше многу важно затоа што секое изгубено време во учењето и развојот кај децата остава ненадоместливи последици не само за нив, туку и за државата. Во моментов над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство. Со добро осмислени протоколи, успеавме училиштата да не бидат трансмитери на заразата“, рече министерката Царовска.

Пандемијата додаде таа, е тест за образовниот систем, но и можност за трансформација со цел учениците да стекнуваат знаења и вештини согласно современите трендови.

„Освен во дигитализацијата и вложувањето во пристапот до ИТ инфраструктура, Министерството за образование и наука силно е посветено во инвестирање во развојот на вештините на наставниците, како најважен фактор за квалитетот на наставата“, рече Царовска.

Состанокот е организиран во рамките на процесот на соработка во Југоисточна Европа и има за цел да го поттикнe заедничкото дејствување на полето на образованието и да овозможи размена на искуства и знаење со цел да се минимизираат негативните ефекти од пандемијата преку нови приоди во образованието и да се обезбеди квалитетно образование на сите нивоа.

Share
Scroll to Top