Објавен повик за ангажман со Зелениот климатски фонд преку акредитација

пред 4 години

Владата претставена од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања како Национален назначен орган (ННО) за Зелениот климатски фонд (ЗКФ) објави јавен повик до сите јавни институции, приватни компании и граѓански организации во земјата заинтересирани да бидат акредитирани за директен пристап до и спроведување на проекти финансирани од Зелениот климатски фонд со цел реализирање на националните приоритети за климатска акција.

Повикот е објавен во рамките на вториот проект на земјата од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на ЗКФ, кој го спроведува Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) под раководство на ННО, конкретно проектната компонента фокусирана на олеснување на директен пристап до климатски финансии.

Целта е да се поддржи земјата за пристап до финансиски средства од ЗКФ преку национални субјекти, т.н. Субјекти за директен пристап, што значи дека климатските финансии можат да се насочуваат директно во земјата без посредство на меѓународни партнери. Ова ќе и овозможи на земјата сопственост врз климатското финансирање и истото подобро да го интегрира во националните акциски планови за клима. Субјектите со директен пристап можат да бидат субјекти на национално, регионално и локално ниво (министерства, владини агенции, климатски фондови, комерцијални банки, приватни компании, граѓански организации и други правни лица) проценети според нивните капацитети како подобни за развој, спроведување и / или следење на проекти / програми од Зелениот климатски фонд, во согласност со приоритетите на земјата за ангажман со Фондот.

Детални информации за отворениот повик, условите за аплицирање и целокупниот процес на приоритизирање и избор на потенцијални Субјекти за директен пристап до ЗКФ во Република Северна Македонија, се достапни на веб-страницата на Северна Македонија и Зелениот климатски фонд: www.greendevelopment.mk/mk/OpenCall.aspx

Share
Scroll to Top