Битиќи ги објави имињата што ќе му помагаат, меѓу нив и поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ

пред 3 години

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, ги објави имињата на членовите на платформата „За татковината со љубов“. Меѓу нив се и функциониери од владите на ВМРО-ДПМНЕ.

Активни членови на платформата, во моментов, се Агим Мамути, Благица Петрески, Борче Треновски, Борче Смилевски, Борис Ефтимовски, Ванчо Узунов, Веле Самак, Висар Адеми, Вељанд Рамадани, Виктор Мизо, Горан Рафајловски, Зоран Кочоски, Игор Ивановски, Игор Андреев, Коста Петров, Љупчо Зиков, Марјан Петрески, Никица Мојсовска Блажеска, Никола Поповски, Нина Фити Олимпија Заевска Христова и Сашо Ќосев.

Битиќи појаснува дека платформата е неформално тело за дискусија со луѓе кои можат да дадат мислење, совет или експертиза за поквалитетни предлози и политики.

Вицепремиерот вели дека тие не се професионално ангажирани како советници во неговиот кабинет или во Владата, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту, пак, ќе примаат каков било надомест.

„Покрај оваа неформална група, јас секојдневно разговарам со различни претставници од бизнис заедницата, академци, граѓани. И нивните барања и мислења влијаат на предлозите што ние потоа ги даваме и ги усвојуваме како Влада“, вели Битиќи.

Составот на „За татковината со љубов“ е флуиден, односно ќе се менува во зависност од темата. На првиот состанок имало повеќе од 20 економски експерти од различни области. Сега веќе се пријавиле уште десетина други што би сакале да учествуваат на наредните состаноци.

„Експертите присутни на првиот иницијален состанок на платформата ‘За Татковината Со Љубов’ се домашни професионалци од повеќе различни економски области, кои се подготвени да го стават својот капацитет во функција на државата. Тие доаѓаат од различни политички провениенции и економски школи, но заедничко за сите нив е што се отворени за соработка и совети во интерес на забрзан економски развој, долгорочно планирање на развојот на економскиот систем и доброто на државата. Членовите во платформата ‘За Татковината Со Љубов’ ова го прават волонтерскии јас сум благодарен што сите овие луѓе изразија подготвеност про-боно да одвојат време и да дадат совет, коментар, мислење или идеја во интерес на нашата земја. Засега планирана динамика на состаноци е еднаш месечно“, вели Битиќи.

Тој додава дека тенденција е да се вклучат сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес.

„Сите заедно ние сакаме да покажеме дека без оглед на сите останати разлики, патот за просперитет на нашата татковина е поважен од било што друго. Нема да дозволиме никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива, ниу пак какво било партиско-политичко профитирање. Сите кои сакаат да помогнат се добредојдени. Токму разноликоста на оваа платформа, од повеќе аспекти, е значајна бидејќи таа ќе продуцира инклузивни насоки кои ќе бидат конструктивно анализирани од повеќе агли, се со крајна цел да произведат патека за нашата економија која ќе биде долгорочно кохерентна и конзистентна. Мојата врата е и останува отворена за сите професионалци и експерти кои што сакаат да се вклучат и да помагаат во интерес на граѓаните“, напиша Битиќи на „Фејсбук“.

Share
Scroll to Top