Вест хем на Дејвид Мојс успеа да се искачи на петтото место на табелата во Премиер лигата, откако во еден драматичен меч ги победија Астон вила со 2:1, бидејќи гостите прво утнаа пенал за израмнување, а потоа им беше поништен гол во 92. минута поради офсајд.
Анџело Огбона уште во втората минута ги донесе „чеканите“ во водство, но на полувреме се отиде со нерешен резултат, откако во 25. минута, Џек Грилиш постигна прекрасен гол, уште еднаш покажувајќи дека ја игра најдобрата сезона во кариерата.
По помалку од 30 секунди од второто полувреме, Вест хем повторно дојдоа во водство, овојпат преку Боуен, пред гостите да имаат шанса да извлечат реми со пеналот во 74. минута, во кој Оли Воткинс ја погоди пречката. Драмата не заврши тука – во 92. минута Воткинс убаво го најде Мат Таргет кој ја смести топката зад грбот на Лукаш Фабијански, меѓутоа голот беше поништен поради офсајд.
Вест хем сега се петти со 17 поени, четири помалку од лидерите Тотенхем и Ливерпул, додека Вила се на 10. место со 15 поени.