Бајден го претстави економскиот тим и вети помош за сите Американци погодени од кризата

пред 4 години

Џенет Јелен ќе биде првата министерка за финансии во историјата на САД, одлучи новоизбраниот претседател Џо Бајден. Таа ќе ја преземе функцијата после 20 јануари, кога е закажана инаугурацијата.

Бајден го претстави економскиот тим, во кој, покрај Јелен, се и Воли Адејемо (заменик министер), Нира Танден (директорка за Управување и буџет), Сесилија Роуз (директорка на Советот на економски советници), Хедер Буши (член на Советот на економски советници) и Џаред Бернштајн (член на Советот на економски советници).

Идната министерка за финансии Џенет Јелен, кризата со коронавирусот ја нарече американска трагедија.

„Толку многу луѓе едвај се хранат и плаќаат сметки и кирија. Тоа е американска трагедија“, рече Јелен.

Новоизбраниот американски претседател вети помош за сите Американци погодени од економската криза. Тој го повика Конгресот да донесе силна програма за помош без одлагање.

„Ја испраќаме оваа порака до сите што се борат сега: Помошта доаѓа“, рече Бајден во седиштето во Вилмингтон, Делавер, каде го претстави својот економски тим.

 

 

Share
Scroll to Top