Специјалниот претставник на македонската влада за разговори со Бугарија, Владо Бучковски, вели дека Македонија е подготвена целосно да го имплементира Договорот за добрососедство, по денешната средба со бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во Софија.
Бучковски истакна дека државата е решена да го спроведе Договорот за пријателство и соработка, што премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев, го потпишаа на 1 август 2017 година.
„Изразувам мое лично задоволство што пријателска Бугарија го смета моето назначување за специјален претставник на македонската влада како дополнителен напор од наша страна да ја вратиме изгубената доверба. Се согласивме дека претстојниот период е подобро е да се фалиме со дела, а не со празни разговори“, рече Бучковски.
Тој појасни дека неговата работа ќе биде поврзана со спроведувањето на Договорот, а не со историските прашања.
„Ниту јас, ниту г-ѓа Захариева не можеме да ја смениме историјата. Но, можеме да ги промениме работите во смисла на инфраструктура, заеднички капитални проекти, посилна соработка во науката и образованието, посилна соработка во културата и да работиме за приближување на двата народа“, рече Бучковски.