Откриени пет клучни гени поврзани со најтешките облици на Ковид-19

пред 4 години

Пет клучни гени се поврзани со најтешките облици на Ковид-19, откриваат британските научници, чие истражување укажува на неколку постоечки лекови кои би можеле да се пренаменат за лекување на луѓе на кои им се заканува тежок облик на оваа болест.

Научниците кои проучувале ДНК на 2.700 пациенти заболени од Ковид-19 на 208 оддели на интензивна нега ширум Британија, откриле дека пет гени вклучени во двата молекуларни процеси – антивирусниот имунитет и воспаление на белите дробови – биле клучни во многу тешки случаи.

„ Нашите резултати веднаш покажаа кои лекови треба да бидат на врвот на пописот за клинички испитувања“ рекол Кенет Бејли, академски советник за интензивна медицина на Универзитетот во Единбург, кој е еден од главните истражувачи.

Гените, наречени ИФНАР2, ТУК2, ОАС1, ДПП9 и ЦЦР2, делумно објаснуваат зошто некои луѓе развиваат многу тежок облик на болеста, додека други поминуваат со лесни симптоми, изјавил Бејли.

Резултатите од истражувањето, објавени во стручниот магазин „Нејчр“, би требало да им помогне на научниците да ја забрзаат потрагата за потенцијални лекови за Ковид-19, спроведувајќи клинички испитувања на антивирусни и антифламаторни лекови.

Share
Scroll to Top