Австриските служби направиле огромни грешки пред нападот во Виена, покажува првичниот извештај

пред 4 години

Австриските служби за уставност и контратероризам направиле огромни грешки во врска со терористот Кујтим Фејзулаи.

Вакви сознанија произлегуваат од првиот извештај на истражната комисија.

Албанецот по потекло од Македонија уби четири лица и рани повеќе од 20 во центарот на Виена на 2 ноември.

Фејзулаи, кој претходно бил осуден на 22 месеци затвор за терористичко здружување, поради обиди да се приклучи на Исламска држава, бил ослободен на почетокот на декември 2019 година, со условна казна.

Неколку дена по излегувањето од затвор, на 17 декември, пред Комисијата за проценка на опасноста, тој се однесувал без волја за соработка, па затоа била побарана проценка на ризик од виенската покраинска Служба за заштита на уставноста и борба против тероризмот (ЛВТ).

Ваквата проценка ЛВТ ја направила дури на 11 септември 2020 година, а покрај тоа требало да се менува два пати, па била конечна дури на 7 октомври.

Во својата проценка, ЛВТ го зголемила ризикот што произлегува од Фејзули од „умерен ризик“ на „висок ризик“.

Истражната комисија сега критикува дека е неприфатливо првото оценување да трае скоро десет месеци.

ЛВТ ваквото одолговлекување го објаснува со недостигот од персонал и време.

Истражната комисија смета дека прифатлив рок за степенот на ризик, би бил доколку тој се утврдел најдоцна во јули.

Иако германското разузнавање кон средината на јули ги информирало своите австриски колеги за состаноците на Фејзули со германски и швајцарски исламисти во Виена, и наложено било да се изврши надзор, оперативната единица на ЛВТ не покажала свест за значењето на тие состаноци, се вели во извештајот.

Според истражната комисија, исламистите кои се собрале претставувале терористичка ќелија подготвена за напади.

Само на еден член на ЛВТ веднаш му било јасно дека во Виена се одржал состанок на опасна терористичка ќелија, но федералната Служба за заштита на уставноста и борба против тероризмот (БВТ) го обврзала да не шири такви информации, подвлекува Комисијата, што БВТ го негира.

Истражната комисија смета дека надлежните служби постапиле лошо дури и кога од словачките власти добиле јасна информација дека Фејзулаи се обидел да купи муниција за автоматско оружје, на 21 јули 2020 година во Братислава.

На 27 јули, БВТ добила фотографии од надзорна камера на една словачка продавница за оружје, но материјалот дури на 24 август бил доставен до ЛВТ Виена, со барање за идентификација на лицето.

Еден ден подоцна, ЛВТ јас известила БВТ дека на сликта е Фејзулаи, кој им е познат на властите.

Според извештајот на истражната комисија, еден член на ЛВТ сфатил дека станува збор за загрижувачка информација, но неговиот предлог да се преземат мерки според Законот за заштита на државата, бил отфрлен од страна на надредените.

Дури на 16 октомври БВТ јасно го идентификувала Фејзулаи како лицето кое се обидело да купи муниција во Братислава.

Истражната комисија го критикува и фактот што државното обвинителство не било информирано за тој случај, затоа што во таква ситуација би можело да биде укинато неговото предвремено ослободување.

Share
Scroll to Top