Многу е веројатно дека вакцината ќе биде ефективна против новата мутација на коронавирусот, изјави Угур Шахин, научник и шеф на компанијата Biontech, чија вакцина беше одобрена во ЕУ.
Тој за „Дојче веле“ изјави дека се надева оти ќе го имунизира населението до следната зима и дека нивото на хоспитализација на стари лица ќе се намали за неколку месеци.
Со оглед на тоа дека ЕМА ќе ја објави одлуката за вакцината на американската „Модерна“ на 6 јануари, тоа му дава надеж на Шахин дека набргу ќе се најдат доволно вакцини на пазарот за да се стави пандемијата под контрола до следната зима.
Тој посочува дека за тоа треба да се имунизираат 60-70 проценти од луѓето.
Кога станува збор за новиот вид коронавирус што првпат е забележан во Велика Британија, шефот на Biontech вели дека сè уште не е познато дали е отпорен на вакцината.
„Сè уште не знаеме бидејќи не сме ги направиле тестовите“, вели Шахин и најавува дека во следните две недели Biontech ќе го провери одговорот на таа мутација на нивната вакцина.
Тој верува дека постои голема веројатност вакцината да биде ефикасна против новиот вид коронавирус бидејќи, иако таа варијанта има повеќе мутации, само еден процент од релевантниот протеин е променет.
„Тоа значи дека 99 проценти се исти, а нашата вакцина предизвикува имунолошки одговор со напад на протеините на вирусот од неколку страни“, додаде научникот.