На инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден ќе видиме повеќе познати личности, како што се актерот Том Хенкс, музичарите Џон Бон Џови, Деми Ловато, Џастин Тимберлејк и раперот Ент Клемонс.
Оскаровецот Том Хенкс ќе биде домаќин на свечената програма на 20 јануари, на денот на инаугурацијата на Џо Бајден, објавија организаторите на овој настан.
Во специјалната емисија, која ќе трае 90 минути и ќе се вика „Ја славиме Америка“, ќе учествуваат Џон Бон Џови, Деми Ловато, Џастин Тимберлејк и Ент Клемонс.
Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе положат свечена заклетва тој ден и ќе одржат воведен говор на церемонијата.
Програмата ќе се емитува на повеќето американски медиуми, како и на социјалните мрежи и на Јутјуб, Фејсбук, Твитер и некои други онлајн платформи.