Ерата на Серхио Рамос (35) во Реал Мадрид се ближи кон крајот, по 16 години минати на „Бернабеу“ и 5 шпански, односно 4 европски титули.
Долго преговараат капитенот на Реал и раководството на Кралскиот клуб за продолжување на договорот. Рамос бара нов договор на 2 години со старата плата од 12 милиони евра по сезона. Од Реал у нудат договор на една сезона и плата од 10.8 милиони евра.
Претседателот на Реал, Флорентино Перез на почетокот на неделава рече дека преговорите се пропаднати и Рамос е слободен да преговара со други клубови.
Угледниот шпански „El Pais“ пишува дека Рамос се обидел да го наговори Перез да му даде поголема плата откако му рекол дека ПСЖ му нудат 20 милиони евра по сезона. Изворот на шпанскиот весник потврдува дека по овој муабет, Перез му се јавил на претседателот на „Светците“, Насер Ал-Келафи со кој е во добри односи за да праша дали сето тоа е вистина.
„Тоа не само што не е вистина, туку е и глупост. 20 милиони евра годишно е повеќе и од заработката на Мбапе. Премногу луѓе го користат ПСЖ за да си ја зголемат цената“ – наводно бил одговорот од Париз.
Откако бил фатен во тесно, Рамос на Перез му рекол дека бил измамен од првиот човек на ПСЖ.