Мафијата во Неапол, Италија, започна да ги напаѓа екипите на брзата помош чии сирени, наводно, им ги прекинуваат зделките со наркотични средства и му штетат на бизнисот бидејќи клиентите стравуваат дека доаѓа полицијата, пренесува РТ.
Двајца членови на банда нападнале возач на брза помош во градскиот Шпански кварт во саботата и му се заканиле дека ќе го убијат. Лекарот во возилото бил принуден да повика полициска поддршка за да обезбеди безбедна придружба од соседството.
„Не сфаќаш ли дека не смееш да ја користиш сирената тука? Исклучи ја или ќе те застреламе“, рекол еден од мафијашите, кои возеле моторцикл.
Звуците и ротационите светла се мешаат во „бизнисот“ бидејќи дилерите мислат дека сирените се на полициските автомобили. По многуте слични извештаи низ градот, возачите на брза помош и придружните медицински лица бараат придружба од полицијата за да ги заштити од вознемирување, насилство и од заплашување.
„Веќе ни е наредено да не користиме сирени во другите населби, вклучувајќи ги Санита и Трајано, каде локалното возило за брза помош ја вклучува сирената само откако ќе ја напушти областа“, вели Мануел Руџеро, 42-годишен лекар во Брзата помош.
Според некои извештаи, во изминатите три години во Неапол имало 300 такви инциденти со агресија кон медицинските лица кои ги сочинуваат 17-те екипи на брзата помош.
„Истата амбуланта вклучена во инцидентот во саботата беше исклоцана, а екипажот нападнат кога не стасаа на време да спасат пациент со срцев удар“, додава Руџеро, објаснувајќи дека се фатени во тесно меѓу мафијата и бесните локални жители.