Тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино рече дека клубот се уште не ја одредил програмата за рехабилитација на Нејмар, но не се планира негово одење во Бразил.
Бразилецот се повреди во средата на мечот со второлигашот Каен во Купот на Франција и се очекува да е надвор од терените еден месец.
Нејмар сигурно ќе го пропушти првиот дуел од осминафиналето во ЛШ против Барселона, а под знак прашање е неговиот настап и за реваншот предвиден на 10 март.
Во минатото, Нејмар рехабилитацијата најчесто ја правеше во татковината.
„Се обидуваме да го пронајдеме најдоброто решение за што побрзо тој да се врати на теренот. Што се однесува до одењето во Бразил, тоа клубот не го придвидел, ниту играчот, ниту некој друг. Се што ќе се каже поврзано со тоа е само нагаѓање“ рече Покетино.
Аргентинскиот стратег на клупата на „Светците“ се обиде да ја оправда одлуката што првата ѕвезда на ПСЖ беше на теренот во дуел со второлигаш и тоа во Купот наместо да одмара за дуелот со Каталонците.
„Натпреварите и календарот се такви какви што се. За жал Нејмар се повреди во Купот, но повредата можеше да се случи и на првенствен меч, па и на тренинг. Нејмар рече дека е тажен што нема да е на располагање неколку недели“ смета стратегот.
Откако пред 4 години токму од Барселона се пресели во Париз за рекордни 222 милиони евра, Бразилецот постојано има проблем со стапалата, препоните, ребрата и скочниот зглоб.
Запрашан дали неговиот начин на живот влијае за честитте повреди, Покетино категоричен:
„Нејмар е многу професионален, поминав со него 40 дена и ги видов неговите квалитети“.