Еко-свест: Ако не се почитува зеленото сценарио ќе станеме пустина

пред 4 години

Здружението Еко-свест реагира на прес-конференцијата на Владата на која беше презентирана стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Иако го поздравуваат афирмирањето на зеленото сценарио во стратегијата, сметаат дека изјавите на владините претставници биле контрадикторни со целите на зеленото сценарио.

„Доколку долгорочната визија ни е енергетска транзиција и премин кон обновливи извори на енергија како и 51% намалување на емисиите на стакленички гасови, зошто слушаме изјави за продолжување на рокот на траење на РЕК Битола и гасификација на државата? Ваквите проекти само ќе ни ги заробат инвестициите во фосилни горива за чие согорување по 2030 ќе трпиме сериозни финансиски загуби, а истите ќе продолжат да причинуваат штети по здравјето на луѓето и климата дополнително осиромашувајќи нè, иако потпишувањето на договорот за грант со KfW потврдува дека имаме и други опции, меѓу кои соларна топлана, кои во иднина ќе ги истиснат фосилните горива. Најавите за скапиот десулфуризатор ги слушаме со години, знаејќи дека е нереална инвестицијата во ваков филтер додека се планира затворање на РЕК Битола“, велат од Еко-свест.

Според нив,праведната транзиција не може да биде праведна само ако се направи премин кон обновливи извори на енергија, туку таа значи и обезбедување на алтернативен економски развој за регионите зависни на јаглен надвор од индустријата со јаглен.

„Нашите анализи покажуваат дека Кичевскиот и Битолскиот регион имаат уникатни можности за економски раст и развој надвор од индустријата со јаглен, но планот за праведна транзиција мора да потекне од работниците во локалните заедници. Затоа, не сме убедени дека на државниот врв му е јасно што всушност претставува праведната транзиција и како да ја спроведат“, сметаат од Еко-свест.

„Во климатската криза во која живееме, сè почесто се соочуваме со сушни периоди, а поради изградбата на малите хидроцентрали губиме вода за пиење и вредни предели и биодиверзитет. Затоа е оправдано што Владата во својата Програма за работа во делот на животната средина планира да воведе забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. Но, премиерот на прес-конференцијата се обрати со комплетно спротивен став, нарекувајќи ги овие проекти како „најеколошки од сите останати еколошки проекти“. Овие контрадикторности не можат да нè убедат дека Владата е свесна за сериозноста на имплементацијата на зеленото сценарио, ниту пак за потребата од трансформација на сите сектори во нашето општество за да се осигура дека енергетската транзиција ќе биде праведна за сите граѓани. Очекуваме поголема посветеност на државниот врв и сите надлежни институции на доследно спроведување на активностите и мерките од зеленото сценарио и искрен однос кон граѓаните при комуникацијата на нивните намери“, велат од Еко-свест.

Share
Scroll to Top