Најмалку 40 луѓе загинаа во сообраќајна несреќа во Индија, откако автобус падна од мост во канал. Автобусот излетал од патот во Маџа Прадеш, при што седуммина од патниците, вклучувајќи го и возачот, успеале да допливаат до брегот.
Во моментот на несреќата, во автобусот имало 60 патници. Спасувачките екипи ги бараат преостанатите патници, пренесе Би-би-си.
Според изјави на сведоци, до несреќата дошло кога возачот изгубил контрола врз возилото по што тоа ја пробило заштитната ограда на мостот и паднало во каналот. Индискиот премиер Нарендра Моди на Твитер изрази сочувство до семејствата на жртвите и најави дека тие ќе добијат
обесштетување.
На патиштата во Индија секоја година животот го губат околу 150.000 луѓе, а најмногу поради неприлагодената брзина на условите на патот и несовесно возење.