Ново одлагање на рочиштето за случајот „Моќник“, кој досега, четири пати имаше обид да започне. По четири пати доаѓање на рочишта кои се одлагаа, обвинетиот Шенди Винца сега побара да му се преведе целиот материјал од докази до обвинение на албански јазик. Судијката Ленка Давидкова на сред судење повика преведувач кој усмено му го преведуваше обвинението за кое кажа дека ќе му биде доставено и писмено. Рочиштето по утврдување на идентитетот се одложи.
„Требаше до сега да го каже ова, да се расчистиме. Четири рочишта се одложуваа. Уште пред само отпочнување кога се констатираат присутни, до сега, не се изјаснивте“, рече судијката Давидкова.
Обвинетиот Винца говореше и на македонски јазик, но кажа дека делумно го разбира.
„И писмено и усмено сакам документите да бидат на албански јазик. Обвинението треба да е и на албански јазик. Сакам според Законот за јазици превод на сите документи! Тоа се моите права и сакам да се почитува. И доказите и се сакам да е преведно!“, рече Шпенди Винца.
Реагираше и обвинителката Фатиме Фетаи која рече дека барањето на обвинетите е класична злоупотреба.
„На обвинетиот Шпенди Винца сега му текна, по петти пат кога доаѓа на судење? Ова е класична злоупотреба на правата! Петти пат доаѓа во судница и сега му текна, на петто рочиште? И јас сум за да се почитува Законот на јазиците. Ќе дојде преведувач и збор по збор ќе му го преведе обвинението. На следното рочиште ќе го добие писмено на следното рочиште“, рече Фетаи.
По ова, обвинетиот Винца прво посочи дека во иднина сака сите докази да бидат преведувани. Па потоа, рече дека сепак сака и цела претходна документација да биде преведена.
Претходно, сите обвинети се изјаснија дека не се осудувани и против нив не се водат постапки. Меѓу нив и третообвинетиот Антонијо Милошоски.
Обвинетиот Винца бил претседателот на Комисијата за лустрација, па Фетаи го праша: Кога беше лустрацијата немаше Закон за јазици. А кога лустрираа, не разбираа што прават?”
По ова и обвинетиот Даут Даути рече дека го разбира јазикот, ама сака се да му е прведно на албански јазик бидејќи: „Ова е тест за правната држава, сакам да видам како функционира. Го разбирам зборувам и пишувам, ама сакам да се почитува Законот за употреба на јазиците и да ми биде обезбеден преведувач и сите документи во овој суд да бидат преведени на албански јазик. Сакам да дадам одбрана на мој мајчин јазик, сакам да видам како звучи тоа на албански“.
И Агим Мехмети побара се да му се прведат идните докази и да му се обезбеди преведувач иако како што и рече на судијката: “Го зборувам и можам да комуницирам со вас, но сакам да ми се обезбеди тоа право”
Пратеникот Антонијо Милошоски се товари дека ги сторил кривичните дела измама и злоупотреба на службената положба и овластувања. Прво и второобвинет за измама, пак, се таткото на Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. Според обвинението, пратеникот Антонијо Милошоски ја искористил својата позиција и вршел континуиран притисок врз државните органи и судовите за да не ја поништат продажбата на зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри во Македонски Брод, а го купил неговиот татко.
„Моќник“ се води против 13 лица, меѓу кои и против поранешниот претседател на комисијата за лустрација, Томе Аџиев.
Следно рочиште е закажано за понеделник каде сите ќе треба да се изјаснат дали чувствуваат вина.