Груби и Царовска договорија измени на учебникот по географија кој ја навреди албанската заедница

пред 4 години

Првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за образование Мила Царовска и пратеникот Арбер Адеми се согласија дека неправилностите и неправдите во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи веднаш од учебникот по географија за втора година средно образование.

Ова се случува откако пред неколку дена, група Албанци пред Министерството за образование запалија неколку страници од учебникот по географија.

Од кабинетот на Груби соопштија дека во случајот со овој учебник, но и со другите, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници.

„Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија“, стои во известувањето.

Вицепремиерот Груби и министерката за образование Царовска се согласија дека во рамките на оваа одлука во периодот што следува ќе бидат разгледани сите учебници со цел да се стави крај на овие појави, односно недоследностите во овие учебници.

На крајот на  состанокот, Груби, Царовска и Адеми решија заеднички да ги поддржат реформите во образованието, оценувајќи го ова како една од најпотребните реформи за Република Северна Македонија, известуваат од кабинетот на вицепремиерот Груби.

Медиумите на албански јазик во земјава деновиве објавуваа вести за, како што наведуваа, „скандалозниот“ учебник, притоа посочувајќи што точно им пречи на Албанците во Македонија. Имено, тие наведуваа неколку спорни нешта наведени во учебникот.

На 99 страница од книгата каде што е напишано: „Меѓу денешните македонски Албанци има и родови кои себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род кој потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.

И на 104 страница како спорен момент го наведуваат напишаното дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Но, како што пренесоа медиумите на албански јазик, на оваа страница спорно е и тоа што е напишано дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови.

Share
Scroll to Top