„Вториот“ тим на Ред бул, Алфа Таури е првиот Формула 1 тим кој го претстави својот нов болид за сезоната 2021 година, и АТ02 не се разликува многу од својот претходник АТ01.
Формула 1 реши да ги одложи предвидените големи промени на правилата за 2022 година поради економското влијание од КОВИД-19, по што Алфа Таури, како и повеќето Ф1 тимови не потрошија многу средства на редизајнирање на болидот.
Од тимот тврдат, дека сепак, има промени на аеродинамиката и на суспензијата на болидот, како и на интеграцијата на моторот со менувачот. Алфа Таури и Ред бул ќе ги користат моторите на Хонда уште оваа сезона, по што од следната сами ќе ја развиваат технологијата.
За Алфа Таури (поранешните Торо Росо) во 2021 ќе возат Французинот Пјер Гасли и јапонскиот дебитант Јуки Цунода, кои ќе дебитираат во кокпитот на стартот на зимското тестирање од 12 до 14 март во Бахреин пред првата трка од сезоната, исто така во Бахреин на 28 март.