Бројот на гладни луѓе во Салвадор, Гватемала, Хондурас и Никарагва е скоро четири пати поголем во последните две години, соопштија Обединетите нации.
Новите податоци објавени од Светската програма за храна на ООН, покажуваат дека скоро осум милиони луѓе во овие четири земји се соочуваат со глад, што е значителен скок од 2018 година, кога 2,2 милиони беа гладни.
„Економската криза предизвикана од Ковид-19 резултираше со тоа храната на полиците во продавниците да не е веќе на дофат на најранливите луѓе, претходно погодени од ураганите Ета и Јота“, рече Мигел Барето, регионален директор за Латинска Америка и Карибите.
Ураганите Ета и Јота ја погодија Централна Америка во ноември минатата година.
Проблемот со гладот според надлежните, посебно е сериозен во таканаречениот сушен коридор што минува низ Централна Америка. Во оваа област, според последните анализи, климатските промени ги интензивираат сушите во последните години.
Светската програма за храна објави дека 15 проценти од анкетираните во јануари изјавиле дека преземаат конкретни чекори за миграција, скоро двојно поголем од бројот во 2018 година.