Украински амбасадор во ОН: Откажувањето од Крим и Донбас е политичко самоубиство

пред 2 години

Украина нема да отстапи ниту една своја територија во замена за мировен договор со Русија, изјави украинскиот амбасадор во Обединетите нации Сергиј Кислица, пренесува Анадолија.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Украина ќе се откаже од Крим и од регионот Донбас за да постигне мировен договор со Русија, Кислица рече дека тоа е „невозможно“.

Рускиот претседател Владимир Путин сака Украина да го прифати Крим како руска територија и да ја признае независноста на отцепените региони Доњецк и Луганск во Донбас, во источна Украина.

– Не верувам дека некогаш би се согласиле да ја предадеме нашата територија. Тоа е политичко самоубиство – рече Кислица, нагласувајќи дека поделбата на Украина или отцепување на сепаратистичките региони е „невозможна“.

Тој додаде дека барањето на Русија Украина да се откаже од нејзините територии е „лошо за претседателот Владимир Путин, кој очигледно ја губи војната.

Запрашан дали Украина ќе се согласи да остане неутрална и да не биде дел од НАТО, Кислица рече дека тоа зависи од украинскиот народ да одлучи како нација.

Тој рече дека не верува дека Русија ќе се согласи да најде дипломатско решение, нагласувајќи дека Москва „изгубила одредена доверба“ и што и да каже мора да биде поткрепено со акција.

– Ако Русија сака да ја ублажи својата штета, долгорочна штета, бидејќи Русија ќе трпи сега и уште многу години, тогаш мора да се организираат и да бидат сериозни на преговарачка маса. Во спротивно Русија воено ќе биде поразена – додаде амбасадорот на Украина во ОН.

Тој, исто така, го повтори својот повик до НАТО да и помогне на Украина со „онолку оружје колку што е потребно“ против руската агресија.

– Ако Украина не е во состојба да се одбрани, тогаш следната мета на Русија ќе биде земја на НАТО – рече Кислица.

Тој, исто така, посочи дека на Украина и се потребни гаранции од Западот и меѓународната заедница дека „тоа што се случува денес никогаш повеќе нема да се повтори“.

Зборувајќи за преговорите меѓу Русија и Украина во Турција, Кислица му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за напорите на Анкара да посредува во завршувањето на војната.

– Факт е дека со оглед на сложеноста на прашањето, не верувам дека има многу лидери, освен Ердоган, кои се подготвени да посветат толку многу од своето време и труд – рече тој.

Тој смета дека е во национален интерес на Турција да има слободна, мирна и просперитетна Украина како сосед.

– Гледам многу просперитетна и успешна иднина на нашето пријателство – рече Кислица.

Последните разговори во Истанбул беа опишани како напредок во обидот да се запре војната која, според најновите податоци на ОН, однесе животи на најмалку 1.232 цивили, а 1.935 беа повредени.

Повеќе од четири милиони Украинци, исто така, побегнале во други земји, а милиони се внатрешно раселени, според проценките на агенцијата за бегалци на ОН.

Share
Scroll to Top