Влада: Напаѓачите на новинарите на вчерашниот протест ќе бидат казнети

пред 4 години

Владата најостро ги осудува нападите врз новинарите на вчерашниот протест по судските одлуки за случајот „Монструм“ и најави дека ќе спроведе постапки овие дела да бидат институционално расчистени.

„Поаѓајќи од својот јасен став за нула толеранција за ваквите инциденти, Владата укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро осуден и санкциониран и дека сите институции во државата, како и обвинителството и судовите, треба да постапуваат максимално брзо и професионално за било кој напад или закана против медиумските работници“, велат од Владата.

Додаваат дека во демократски општества секој има право на изразување незадоволство, но насилничките инциденти се неприфатливи и недозволиви.

Група демонстранти вчера се обиделе да им ја одземат опремата на медиумските работници од државната новинска агенција МИА. Снимателот бил турнат а неговата опрема оштетена.

Во вториот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.

Претходно, сите новинарски организации ги осудија нападите и побараа казни за насилниците.

Share
Scroll to Top