Најопасните мутации на коронавирусот и нивните симптоми

пред 4 години

Мутациите се нормална низа во животниот циклус на вирусот и сите негови нови соеви не мора да бидат нужно опасни за луѓето. Некои се поблаги, некои се поопасни, а некои се неутрални во споредба со оригиналот.

Некои мутации не претставуваат значителни промени, некои мутации ја намалуваат ефикасноста на вирусот, но некои мутации го прават еволутивно и биолошки поефикасен, бидејќи тој подобро се врзува за рецепторите на клетките што ги инфицира.

Таквиот вид е поуспешен во наоѓање место за негово размножување, така што значително ги зголемува шансите за негово продирање низ човечката популација и се заканува да стане доминантна верзија на болеста.

Во моментов има повеќе од четири илјади различни видови на коронавирусот, а епидемиолозите се најзасегнати со само четири од нив.

1. Британскиот вирус стана доминантен во поголемиот дел од Велика Британија и се прошири во повеќе од 50 други земји, вклучувајќи ја и Македонија. Се карактеризира со зголемена преносливост, поголема од 40 проценти, што доведува до зголемена инциденца, хоспитализација и севкупен притисок врз здравствениот систем. Симптомите на британскиот вид се нешто поразлични од оние на оригиналниот од Вухан и неговите други субваријанти: губењето на мирисот и вкусот е поретко, додека кашлица, замор, болки во мускулите и грлото се доминантни симптоми во оваа верзија.

2. Јужноафриканскиот сој досега е потврден во најмалку 30 земји. Оваа варијанта има 17 мутациони промени во однос на вирусот од Вухан. Според истражувањето на научниците, јужноафриканската верзија на Ковид-19 има способност да ги избегне антителата во крвната плазма на веќе оздравените пациенти од оваа болест, а, исто така, ја намалува и ефикасноста на моментално достапните вакцини. Покрај тоа, тој е позаразен, најмалку 1,5 пати, од оригиналната варијанта.

3. Бразилскиот сој е причина за можеби најголемите стравови на епидемиолозите: тој претставува злобна комбинација на карактеристиките на англиските и јужноафриканските мутации. Кристијан Рамадан, професор по молекуларна медицина на Универзитетот во Оксфорд, неодамна го нарече „суперсој“. Тој создаде сосема неочекуван хаос пред извесно време во бразилскиот град Манаус, каде што зарази голем број луѓе кои веќе го прележале коронавирусот.

4. Њујоршкиот вид во моментов е најнеистражен од сите погоре наведени, но во однос на зголемената инфективност, тој многу потсетува на јужноафриканскиот „брат“. Стана доминантен во Њујорк и другите урбани делови на САД и полека ги потиснува другите видови на коронавирус, а исто така има значителен потенцијал за реинфекција, т.е. повторна инфекција на човек кој веќе се опоравил од видот на вирусот од Вухан. Бидејќи предизвикува нешто потешки симптоми на болеста и хоспитализации, а најмногу се открива кај постари лица, тој е потенцијално голема закана за секое општество.

Иако сегашните вакцини се дизајнирани според претходните верзии на болеста, неодамнешните истражувања покажуваат дека сите достапни вакцини штитат барем до одреден степен од новите видови.

Вакцината на Оксфорд / АстраЗенека добро штити од британскиот вид, но во многу помала мера од јужноафриканскиот сој. Како резултат на тоа, Јужна Африка престана да ја користи оваа вакцина и има намера да ги продаде купените количини.

Првите резултати од „Фајзер“ и „Модерна“ сугерираат дека нивните вакцини се доволно ефикасни против јужноафриканската верзија, иако имунолошкиот одговор можеби не е премногу силен или долготраен.

Научниците велат дека сите вакцини ќе бидат редизајнирани според новите соеви, но и на оние што допрва доаѓаат. Како и кај вирусот на грип кој постојано мутира, сите промени на коронавирусот мора да бидат придружени со постојан лабораториски мониторинг и адаптација на вакцините.

Share
Scroll to Top