Австралија сака да се здружи со други земји за да изврши притисок врз Европската Унија да ги достави планираните дози вакцина против коронавирус, пишува австралиски „Еј-би-си“.
Европската Унија минатата недела го блокираше испраќањето на 250.000 вакцини на „Астра зенека“ од Италија во Австралија. Унијата тогаш за прв пат посегна по новата одредба за забрана на извоз на вакцини.
Австралискиот министер за трговија Ден Техан рече дека одлуката е протекционистичка и изрази загриженост дека ЕУ може да ги прекине испораките во иднина. Тој најави соработка со Канада, Јапонија, Норвешка и Нов Зеланд за да се принуди ЕУ да се премисли.
Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, пред некој ден рече дека мерката е насочена кон компанијата која барала дозвола за извоз на вакцината, а не кон Австралија.
Валдис Домбровскис, потпретседател на Европската комисија, телефонски разговараше со австралискиот министер за трговија Техан и објасни дека целта за забрана на извозот на вакцините на „Астра зенека“ не е насочена против Австралија, туку против британско-шведската фармацевтска компанија.
Сепак, Комисијата не понуди јасни одговори на прашањето зошто е забранет извозот на вакцини во време кога некои земји од ЕУ сè уште не ги користеле дозите што досега им беа достапни.
Засега е нејасно што ќе се случи со дозите наменети за Австралија, но портпаролот на Комисијата, Мамер, минатата недела изјави дека тие остануваат во сопственост на „Астра зенека“.
Австралискиот премиер Скот Морисон минатата недела побара од Брисел да ја преиспита својата одлука, иако разбира дека ЕУ е погодена од пандемијата многу посилно од Австралија.